Amina Zorniç
21 Јануари 2016•Ажурирај: 22 Јануари 2016
ИСЛАМАБАД (АА) - Во Пакистан е ден на жалост по вооружениот напад врз Универзитетскиот кампус во градот Чарсада во кој беа убиени најмалку 25 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Одговорност за нападот презеде талибанското движење чии милитанти вчера изутрина го прескокнале ѕидот на Универзитетскиот кампус и отвориле оган врз студентите и професорите.
Полицијата вчера соопшти дека операцијата завршена и дека билансот на починати би можел да расте.
Пакистан, кој сè уште се опоравува од крвавиот поход на талибанците, кои во 2014 година во Пешавар убија над 150 лица, денес погребува нови жртви.
Знамињата се спуштени на половина копје, а централната молитва ќе биде одржана во главниот град Исламабад.
Премиерот Наваз Шариф во обраќањето на нацијата најави „немилосрден одговор” за масакрот, и им нареди на силите за безбедност да ги фатат оние кои стојат зад нападот.
Пакистанските медиуми пишуваат за херојството на професорот по хемија Сајед Хамид Хусеин (34) кој излегол пред напаѓачите за да ги заштити своите ученици, при што бил убиен.
„Секогаш беше наш заштитиник. Ни ги кажуваше своите тајни, а ние нему нашите, ги делевме проблемите со него”, рече 22-годишниот студент по геологија, Вакар Али.
Универзитетскиот кампус денес го обезбедуваат голем број војници, додека граѓаните пред кампусот поставија плоча со натпис „Хероите умираат млади”.
Поради талибанските терористички активности, пакистанските сили за безбедност, изминатата година ги интензивирале антитерористичките операции и убиле или уапсиле стотици терористи. Укинат е мораториумот на извршените смртни казни, па десетици терористи поврзани со нападите се казнети со бесење.