Ekipa
02 Октомври 2021•Ажурирај: 03 Октомври 2021
ПАРИЗ (АА) - Поранешен припадник на француската жандармерија, кој изврши самоубиство на почетокот на оваа недела, остави писмо во кое го признава извршувањето сериски убиства што полицијата се обидува да ги реши три и пол децении, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Франсоа Веров (59) си го одзеде животот во средата, јави францускиот весник „Франс инфо“ (franceinfo).
Полицијата го пронашла неговото тело во изнајмен стан во Грау-ду-Роа, во непосредна близина на Ла Гранде-Моте, каде што живеел со неговото семејство. Тој оставил ДНК-доказ заедно со писмото за самоубиство што ја потврдува неговата вина.
Веров неодамна беше повикан во полиција за сослушување во врска со пет големи случаи на силување и убиство, што полицијата не може да ги реши повеќе од 35 години.
Неговите злосторства вклучуваа брутални убиства и силувања на тинејџерки и мали девојчиња во 1980-тите и 1990-тите години. Некои од неговите жртви беа на возраст од 11 години.
Злосторствата на Веров, исто така, вклучуваа обид за убиство, вооружен грабеж и киднапирање.
Парискиот обвинител Лоре Бекау ја прочита изјавата доцна во четвртокот, во која се идентификува починатиот.
Сопругата на Веров го пријави за исчезнат на 27 септември. Францускиот весник „Ле Паризиен“, исто така, објави дека обвинетиот ги испразнил своите банкарски сметки неколку дена пред смртта.
„ДНК-тестовите, кои беа веднаш наложени од истражниот судија, утврдија совпаѓање помеѓу генетскиот профил пронајден на неколку места на злосторствата и починатиот човек“, соопшти Бекау, јави каналот „Франс24“ (France24).
Веров бил припадник на жандармеријата и мотоциклист во Републичката гарда во Ил де Франс од 1983 до 1988 година, и дел од моторџиските бригади во Буш ди Рон и Монпелје.
По повреда на ногата во 2011 година, Веров се пензионирал. Од 2014 до 2019 година, тој бил дел од Општинскиот совет на Прад ле Лез.
Истрагата за „студениот случај“, што започна по убиствата, беше повторно отворена во последниве години, поврзувајќи со убиствата 750 припадници на жандармеријата од парискиот регион. Веров беше еден од нив и доби покана за сослушување на 24 септември за пет дена подоцна.
Веров е наречен „убиец со рошаво лице“ по убиството на 11-годишната Сесил Блох. Убиството се случи во подрумот на станбената зграда каде што живеело девојчето во 19. Арондисман во Париз.