Merve Berker
21 Септември 2026•Ажурирано: 21 Септември 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека планираниот триумфален лак висок 76 метри во близина на Националните гробишта „Арлингтон“ ќе служи и како воен комплекс во кој ќе има дронови, снајперисти и муниција, пренесува Анадолу.
Трамп на својата платформа Трут Соушал напиша дека се согласил планираниот лак да биде пренаменет „на силно барање“ од американската војска и „за потребите на националната безбедност“.
Во планираниот „Воен комплекс/триумфален лак“ ќе се „сместат, складираат и ќе има можност за брзо користење на голем број дронови, како и снајперисти, на покривот и во просторот околу плоштадот“, напиша тој.
Тој додаде дека објектот ќе складира „големи количини снајперска муниција.“
„Никаде во светот ќе нема објект како овој“, наведе тој.
Претходно администрацијата го претстави лакот како туристичка атракција по повод 250-годишнината на САД, со планови во кои е вклучена и платформа за набљудување, објави „Вашингтон пост“.
Изградбата би можела да започне уште во ноември, а федерален судија разгледува правен спор со кој се бара запирање на проектот.
Ветерани, организации за застапување и организации за заштита на историското наследство се спротивставија на проектот, тврдејќи дека објектот ќе се издигнува над блиските Национални гробишта „Арлингтон“ и дека е преголем за локацијата.
Дон Бајер од редот на демократ од Вирџинија чиј изборен округ ги опфаќа гробиштата и националниот аеродром „Роналд Реган“, ја критикуваше идејата оваа локација да се користи за дронови.
„Поставувањето место за лансирање дронови директно на патеката за слетување на ДЦА (аеродромот во Вирџинија) е глупава, опасна и неизводлива идеја“, го цитираше „Пост“ Бајер.
Белата куќа не одговори на прашањата на весникот во врска со најавата на Трамп, а Министерството за внатрешни работи, исто така, не даде коментар.
Портпаролот на Пентагон изјави дека нема што да додаде освен изјавата на Трамп.
Администрацијата соопшти дека не ѝ е потребно одобрение од Конгресот за изградба на лакот, повикувајќи се на овластувањето што законодавците го дале пред околу еден век за сличен проект во близина на локацијата.
Претставници на администрацијата на Трамп изјавија дека ќе ги добијат „сите потребни одобренија“ пред почетокот на изградбата.