Burak Bir
21 Септември 2026•Ажурирано: 21 Септември 2026
Австралија, Канада, Нов Зеланд, Норвешка и Велика Британија денес ги отфрлија, како што ги нарекоа, руските „лажни избори“ во „привремено окупираните територии“ на Украина, оценувајќи ги како „грубо прекршување“ на Повелбата на Обединетите нации, јавува Анадолу.
Во заедничката изјава петте земји соопштија дека ги осудуваат руските „лажни избори“ во украинските територии, со кои се нарушува суверенитетот на Украина.
Изборите за Државната дума, одржани од 18 до 20 септември – првото парламентарно гласање во Русија од 2022 година – се спроведоа и во областите на Украина под руска контрола.
„Одржувањето на руските избори за Државната дума на привремено окупираните територии на Украина, како што Русија направи на Крим и во Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје, претставува грубо кршење на суверенитетот и независноста на Украина, како и на Повелбата на ОН“, се додава.
Се наведува дека овие избори се дел од „поширок систем на окупација“, при што се посочува на наметнувањето на руска администрација, закони, медиуми, образование, јазик и државјанство.
Исто така, се додава: „Овие региони се дел од Украина и одржувањето лажни избори не може да го смени статусот на овие територии според меѓународното право.“
Австралија, Канада, Нов Зеланд, Норвешка и Велика Британија, исто така, ја повикаа меѓународната заедница да ги отфрли обидите на Русија за нормализирање на нејзината „окупација“ и да го осуди одржувањето на лажните избори на украинска територија.
Претходно денес и Европската Унија ги осуди руските парламентарни избори и предупреди дека оние што се вклучени во нив ќе се соочат со санкции.