Davit Kachkachishvili
02 Октомври 2021•Ажурирај: 04 Октомври 2021
РУСТАВИ (АА) - Поранешниот грузиски претседател Михаил Сакашвили, кој вчера беше уапсен по враќањето во татковината по осум години, во затворот започна штрајк со глад, јавува Агенција Анадолија (АА).
Грузискиот премиер Иракли Гарибашвили вчера на вонредна прес-конференција потврди дека безбедносните сили го привеле Сакашвили, по кого претходно беше распишана потерница.
Министерството за внатрешни работи објави снимка од носењето на Сакашвили во затворот во градот Рустави, околу 30 километри од главниот град Тбилиси.
Грузиската правобранителка Нино Ломкарија го посети Сакашвили во затворската единица и изјави дека здравствената состојба на поранешниот претседател е добра.
Ломкарија напомена дека Сакашвили сака да се сретне со генералниот конзул на Украина во Тбилиси, со оглед на тоа што тој е украински државјанин и дека започнал штрајк со глад.
„Тој прогласи штрајк со глад и како државјанин на Украина, бара средба со украинскиот конзул“, рече Ломкарија.
Таа сподели и информации дека Сакашвили бил уапсен во куќа во Тбилиси.
Сакашвили, кој осум години беше во странство поради потерница во отсуство, вчера наутро објави дека се вратил во Грузија. Во видеоизјавата на својот фејсбук-профил наведува дека дошол во Грузија по осум години и дека се наоѓа во градот Батуми.
Потсетувајќи дека во Грузија ќе бидат одржани локални избори, Сакашвили ги повика граѓаните да излезат на изборите и да ги заштитат своите гласови со собир во центарот на Тбилиси на 3 октомври.
Сакашвили на 27 септември најави дека на 1 октомври ќе се врати во Грузија со летот Киев - Тбилиси со објавување на авионскиот билет.
За оваа објава на Сакашвили, грузискиот премиер Иракли Гарибашвили порача:
„Одговорот е едноставен, државата ќе му одговори. Штом Сакашвили влезе на наша територија, штом стапне, веднаш ќе биде уапсен и испратен во затвор.“
Грузиското обвинителство распиша потерница за Сакашвили, кој е обвинет за растурање на митинг на опозицијата во 2007 година, одземање на имотот од основачот на ТВ-каналот „Имеди“, Бадри Патаркачишвили, за корупција и злоупотреба на службената положба и претепување на заменикот. Градскиот суд во Тбилиси го осуди Сакашвили на три години затвор во 2018 година за злоупотреба на амнестијата во случај на убиство.
Сакашвили во 2013 година ја напушти Грузија и замина во Соединетите Американски Држави по истекот на претседателскиот мандат.
Потоа, во мај 2015 година украинскиот претседател Петро Порошенко му додели на Сакашвили украинско државјанство. Сакашвили беше назначен за гувернер на Одеса, но поднесе оставка во 2016 година.
На 4 декември 2015 година му беше одземено грузиското државјанство, а Сакашвили, кој во Украина ја основа Партијата на движењето на нови сили, беше во опозиција.
Новиот украински претседател Владимир Зеленски минатата година повторно му даде украинско државјанство на Сакашвили.
Сакашвили е претседател на Извршниот одбор на Националната реформа на Украина од 2020 година.