Ivana Ramadanova
23 Декември 2015•Ажурирај: 24 Декември 2015
СКОПЈЕ (АА) - Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски ги додели наградите на најдобриот полицаец, пожарникар и крводарител на територија на град Скопје за 2015 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Трајановски за најдобар пожарникар го прогласи Бранислав Трајчевски, пожарникар-спасител возач на специјално возило во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, најдобар полициски службеник за 2015 година, Гоце Николовски, а за најдобар крводарител го прогласи Томче Симјановски.
Од Град Скопје истакнаа дека наградата е парична и изнесува 10.000 денари, потенцирајќи дека се наградуваат најхрабрите и најхуманите со цел да се поттикнат граѓаните на Скопје и тие да ја покажат својата хуманост и храброст.
"Сакам да им честитам на постигнатиот успех и да им порачам со своите постапки и понатаму да бидат добар пример и мотивација за своите колеги и сограѓани", истакна градоначалникот Трајановски.
Најдобриот полицаец за 2015 година, Гоце Николовски, има 22 години работен стаж, а во текот на изминатата година остварил надпросечни резултати и пожртвувано ги извршувал службените задачи. Најдобар пожарникар за 2015 година е Бранислав Трајчевски во текот на изминатава година учествувал во гаснење на повеќе пожари, односно во над 200 интервенции. Најдобриот крводарител, Томче Симјановски, досега, во изминатите години, имал 101 дарување крв, а активно учествувал во сите редовни и вонредни крводарителски акции.