Vesna Besiç
11 Февруари 2019•Ажурирај: 12 Февруари 2019
САРАЕВО (АА) - Во кантонот Сараево, Босна и Херцеговина, е интензивирана потрагата по Един Гачиќ (42), кој е главниот осомничен за убиството на полицаецот Махир Бегиќ, како и за уште неколку убиства, меѓу кои и на неговата мајка, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево, Сувада Кулдија, истакна дека потрагата по Гачиќ е интензивирана на подрачјето на целиот кантон, посебно во подрачјето на општината Хаџиќ, каде што вршат детално пребарување на теренот.
„Нашите граѓани навистина ја сфатија оваа ситуација како сериозна. Вчера објавивме дека трагаме по сторител на кривично дело. Вчера имавме многу повици кои продолжија и денес. Најмногу повици имаме од граѓаните на општина Хаџиќ“, истакна Кулдија.

Таа се осврна и на безбедносните мерки за време на на Европскиот младински олимписки фестивал во Сараево (ЕИОФ), кој е во тек.
„Што се однесува на ЕИОФ, Штабот заседава секојдневно, и оцени дека на учесниците ќе им биде осигурана безбедноста. Ние ги презедовме сите мерки и активности. Многу од нашите полициски службеници се во цивилна облека и се распоредени и патролираат во Сараево“, додаде Кулдија.
Да потсетиме, припадникот на Федералната управа на полицијата, Махир Бегиќ, беше убиен во саботата, 9 февруари 2019 во Суходол, во близина на Тарчин, БиХ, по што Обвинителството на кантонот Сараево започна истрага против Един Гачиќ. Полициските извори велат дека главниот осомничен Гачиќ досега извршил неколку убиства, меѓу кои и неговата мајка.