Ikrame Imane Kouachi
19 Ноември 2026•Ажурирано: 19 Ноември 2026
Истрагата објавена доцна синоќа од израелскиот јавен радиодифузен сервис КАН тврди дека премиерот Бенјамин Нетанјаху и неговата партија Ликуд пред изборите осмислиле план за обвинување на арапските граѓани на Израел за манипулирање со изборните резултати, јавува Анадолу.
Парламентарните избори се одржаа на 27 октомври, при што блокот на Нетанјаху освои 53 од вкупно 120 пратенички места, наспроти 48 за опозицискиот блок предводен од Гади Ајзенкот и 19 за арапските партии.
Ајзенкот обезбеди поддршка од повеќе пратеници отколку Нетанјаху и на 8 ноември доби мандат за составување нова влада.
Според истрагата, планот бил подготвен организирано, почнувајќи од канцеларијата на Нетанјаху и проширувајќи се до илјадниците претставници на Ликуд распоредени на избирачките места.
Во неа се наведува дека партијата се подготвувала за можен изборен пораз со започнување кампања неколку недели пред гласањето, чија цел била арапските гласачи да се обвинат за таквиот исход.
Излезноста кај арапските гласачи достигнала 80 проценти, додека вкупната излезност изнесувала 77,7 проценти, што е највисоко ниво од 1999 година, според Централната изборна комисија.
Арапите сочинуваат 21 процент од населението на Израел, кое брои повеќе од 10 милиони жители, според наводите.
Истрагата додава дека кампањата со слоганот „Арапите ги украдоа изборите“ не била прва насочена против арапските граѓани на Израел.
Според истрагата, Ликуд поднела околу 1.280 пријави на изборниот ден, тврдејќи дека на арапските гласачи им се нуделе пари и ваучери за купување во замена за нивните гласови.
Во истрагата беа презентирани и сведоштва на жители што биле повикани на распит во јужниот град Рахат, во пустината Негев, поради сомнение за влијание врз изборите и делење пари.
Еден од испрашаните изјавил дека полицијата го прашала зошто сака да гласа за Обединетата арапска листа, додавајќи дека полициските службеници му рекле оти е осомничен за делење пари на гласачите.
Тој негирал дека знае нешто за обвинувањата.
Тврдењата за купување гласови и манипулирање со изборите предизвикаа политички и правни контроверзии во Израел, а Централната изборна комисија не објави докази за неправилности што влијаеле врз конечните резултати.
Според израелските медиуми, канцеларијата на Нетанјаху ги отфрлила обвинувањата дека нејзини службеници биле вклучени во организирањето на случајот.
Нетанјаху е на судење под обвиненија за корупција, за кои, доколку биде прогласен за виновен, може да добие затворска казна. Од 2024 година тој е предмет и на барање за приведување од страна на Меѓународниот кривичен суд поради обвиненија за воени злосторства во Појасот Газа од 2023 година.