Ahmad Adil
19 Ноември 2026•Ажурирано: 19 Ноември 2026
Министрите за надворешни работи и за одбрана на Јапонија и Индија денес се согласија да ја продлабочат безбедносната соработка, при што двете земји планираат следната година првпат да им овозможат на Јапонските сили за самоодбрана да користат стрелиште во Индија, изјави јапонскиот министер за одбрана Шинџиро Коизуми, јавува Анадолу.
Двете страни одржаа разговори во формат „два плус два“ во Токио, на кои се согласиле јапонските војници да може да користат стрелиште во Индија, објави денес новинската агенција „Кјодо“.
Индискиот министер за одбрана Раџнат Синг изјави дека за време на разговорите двете страни „опфатиле широк спектар билатерални и регионални прашања од заеднички интерес“.
„Како две демократии во подем во Азија, ние го унапредуваме Специјалното стратегиско и глобално партнерство“, напиша тој на социјалната мрежа Х, во сопственост на американска компанија.
Синг рече дека на разговорите денес „бил забележан напредокот во развојот на одбранбеното и безбедносното партнерство меѓу двете земји“.
„Постигнат е напредок и во разговорите за тековната соработка во областа на воздушната и вселенската ситуациска свесност“, изјави индискиот министер.
Њу Делхи соопшти дека двете страни „се согласиле да ја забрзаат соработката во областите на специјализираните технологии, подводните технологии и ракетните технологии“.
Индискиот министер за надворешни работи С. Џаишанкар рече дека средбата се одржала во време кога „глобалниот поредок е изложен на повеќекратни потреси“.
„Во тек се два големи конфликта чии последици се чувствуваат дури и во оддалечените региони. Во комбинација со растечката економска нестабилност и последиците од пандемијата на КОВИД-19, постои сериозна загриженост во врска со енергетската, трговската, прехранбената и здравствената безбедност“, рече тој.
Исто така, тој истакна дека двете земји се посветени на зачувувањето на слободен и отворен Индо-пацифички Регион.
„Реалноста е дека старите претпоставки можеби веќе не важат и секој од нас ќе мора повеќе да придонесува за општото добро на светот“, рече Џаишанкар.