Emre Baştuğ
27 Август 2018•Ажурирај: 28 Август 2018
САРАЕВО (АА) - Две образовни установи што делуваат во Сараево, а кои се поврзани со терористичката организација ФЕТО имаат даночен долг од 458.361,62 КМ, јавува Anadolu Agency (AA).
Даночната управа на Федерацијата Босна и Херцеговина објави список на правни лица кои заклучно со крајот на јуни оваа година имале долг по основ на даноци, придонеси, такси и други надоместоци, од над 50.000 КМ.
На списокот се наоѓаат и две училишта што се поврзани со терористичката организација ФЕТО, која на 15 јули 2016 година изврши обид за државен удар во Турција.

„Турско-босанскиот Сараево колеџ“ има даночен долг во износ од 294.889,84 КМ, а „Меѓународното средно училиште - International High School“ 163.471,62 КМ. Нивниот заеднички долг изнесува 458.361,46 КМ.

Станува збор за училишта кои по неуспешниот обид за пуч во Турција го изгубија дигнитетот и значителен број ученици во Босна и Херцеговина.
Тие установи во два наврата го сменија сопственикот. Првин се продадени на американска, а потоа на британска компанија.
Претходно, установите поврзани со терористичката организација ФЕТО во БиХ делуваа под покровителство на таканаречената институција „Босна-Сема“. По неуспешниот обид за пуч во Турција, училиштата се соочени со сè поголеми финансиски проблеми, што се одразува и на нивниот даночен долг.
Прво, раководствата на овие училишта соопштија дека ги купила американската компанија „Global Education“, а потоа дека ги купила британската компанија „Richmond Park Education“.
Меѓутоа, имињата поврзани со терористичката организација ФЕТО и понатаму се во раководството на тие установи, што покажува дека не станувало збор за вистинска промена на сопственичката структура.