Safiye Karabacak
01 Октомври 2021•Ажурирај: 05 Октомври 2021
САНА (АА) - Обединетите нации (ОН) предупредија дека милиони луѓе нема да можат да ги подмират трошоците за храна поради големото губење на вредноста на локалната валута во Јемен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението објавено на Твитер од страницата на Канцеларијата за хуманитарна помош на ОН (OCHA) во Јемен, потенцирани се негативните ефекти од рекордното губење на вредноста на локалната валута во последниот период.
„Губењето на вредноста на локалната валута во јужните делови на Јемен [под контрола на Владата] ја зголемува несигурноста во храната. Милиони луѓе не можат да си дозволат да купат храна“, се вели во соопштението.
Истакнато е дека итно треба да се поддржи економијата на земјата за да се стабилизира јеменскиот риал и да се спречи понатамошното губење на вредноста на валутата.
- Економската состојба во Јемен -
Во Јемен, каде што политичката нестабилност преовладува долго време, се случуваат судири меѓу Хусите поддржани од Иран и силите поврзани со Владата.
Хусите ја контролираат престолнината Сана и некои региони од септември 2014 година. Од друга страна, коалициските сили предводени од Саудиска Арабија ја поддржуваат јеменската Влада против Хусите од март 2015 година.
Брзото и рекордно губење на вредноста на јеменскиот риал ја ослабна и онака ниската куповна моќ на луѓето, а стапката на сиромаштија достигна 80 проценти.
Еден американски долар изнесуваше 215 јеменски риали на почетокот на граѓанската војна. Како резултат на брзото губење на вредноста на јеменскиот риал, еден долар моментално изнесува 1.200 риали.