Faruk Zorlu
29 Јануари 2021•Ажурирај: 29 Јануари 2021
АНКАРА
Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, ја прими првата доза од вакцината против Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Имав среќа и благодарен сум што ја примив првата доза од вакцината против Ковид-19“, напиша Гутереш вчера на социјалната мрежа Твитер.
„Мора да се фатиме за работа за да се осигураме дека вакцината е достапна за секого и насекаде. Со оваа пандемија, никој од нас не е безбеден сè додека сите не бидеме безбедни“, додаде тој.
Гутереш им се придружи на жителите на Њујорк од неговата возрасна група кои се вакцинираа во средно училиште во градот.
Од декември 2019 година, пандемијата зеде над 2,18 милиони животи во 192 земји и региони во светот.
Над 101,4 милиони случаи на вирусот се пријавени досега низ светот, со вкупно над 56 милиони оздравени, според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.
Соединетите Американски Држави, Индија и Бразил и понатаму се најтешко погодените земји од вирусот во однос на бројот на случаи.