Umar Farooq
24 Мај 2019•Ажурирај: 25 Мај 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Основачот на Викиликс, Џулијанс Асанж, вчера беше обвинет од САД по 17 нови федерални точки, вклучувајќи го прекршувањето на Законот за шпионажа и завера за споделување на чувствителни и доверливи информации со јавноста, Anadolu Agency (AA).
Федералната голема порота во Источниот окружен суд во Вирџинија го врати обвинението, додавајќи ја точката по која Асанж беше обвинет минатата година.
Новите обвиненија велат дека Асанж, наводно, објавил доверливи документи кои содржеле непроменети имиња на оние што им дале информации на американските сили во Ирак и во Авганистан.
„Овие човечки извори вклучуваа локални Авганистанци и Ирачани, новинари, религиозни лидери, застапници на човековите права и политички дисиденти од репресивни режими“, се вели во соопштението на Одделот за правда.
Во обвинението се наведува дека Асанж работел со поранешниот армиски аналитичар и свиркач, Челзи Менинг, која во моментот се наоѓа во затвор поради тоа што одбила да сведочи пред Големата порота.
Менинг беше обвинета во 2013 година за објавување тајни документи.
Одделот за правда соопшти дека Асанж и Менинг наводно подготвувале заговор меѓусебно, со тоа што Менинг добивала и доставувала информации до Асанж, коишто биле користени за повреда на САД во корист на странска држава.
Во информациите што Менинг му ги дала на Асанж биле вклучени 90.000 извештаи за активности поврзани со војната во Авганистан, 400.000 извештаи за активности поврзани со војната во Ирак, како и извештаи за проценка на 800 притвореници во заливот Гвантанамо.
Новото обвинение би можело да има сериозен ефект врз слободата на печатот поради тешкотијата во голема мера да се разликува Викиликс од традиционален весник. Ниту еден новинар не е обвинет според Законот за шпионажа, кој првпат бил создаден во 1917 година, додека САД влегувале во Првата светска војна.
Администрацијата на поранешниот американски претседател, Барак Обама, никогаш не го обвини Асанж во рамките на Законот за шпионажа од страв дека тоа ќе ги вознемири традиционалните форми на новинарство.
Асанж во моментот се наоѓа во затвор во Велика Британија, каде што ја отслужува 50-неделната затворска казна поради тоа што не ги исполнил условите за кауција, а се соочува со обвинувања за сексуален напад во Шведска.
САД побараа да биде екстрадиран во Вашингтон, против што Асанж вети дека ќе се бори.