Hasan Esen
11 Април 2019•Ажурирај: 11 Април 2019
ЛОНДОН
Во соопштението на британската полиција се вели дека од Амбасадата на Еквадор во Лондон е приведен Џулијан Асанж, основачот на „Викиликс“, откако Еквадор го повлече азилот што му го имаше дадено, јавува Anadolu Agency (AA).
Од друга страна „Викиликс“ смета дека Еквадор незаконски го повлекол правото на азил за Асанж.
Во соопштението што „Викиликс“ го објави минатата недела се вели дека висок функционер на Еквадор навел дека „постигнат е договор со Велика Британија и во прашање се денови, можеби и часови кога Асанж ќе биде изваден пред зградата на Амбасадата и ќе биде приведен“.
Во соопштението објавено на интернет-страницата на оваа меѓународна организација се вели дека ваквата одлука е донесена по обидите за прикривање на тврдењата дека претседателот на Еквадор, Ленин Морено, ги користел сметките на една офшор компанија формирана од неговиот брат.
- Асанж живееше во Амбасадата од 2012 година
Асанж, кој преку својата интернет-страница пред светската јавност ги објави големиот број дописи од Министерството за надворешни работи на САД и предизвика голем број дискусии во светот, од 2012 година досега живееше во една соба во Амбасадата на Еквадор во лондонската населба Најтсбриџ.
Британскиот суд во 2010 година донесе одлука на Шведска да ѝ го испорача Асанж, кој беше обвинет за силување на две жени.
По одлуката за екстрадиција на Шведска во јуни 2012 година, земајќи предвид дека во таков случај од Шведска може да биде испорачан во САД, Асанж побара азил во Амбасадата на Еквадор во Лондон.
Шведскиот суд во 2017 година ги отфрли судските случаи против Асанж. Еквадор го прифати барањето на Асанж за политички азил и му додели државјанство.
Владата на Еквадор во март 2018 година соопшти дека интернет-пристапот на Асанж е прекинат бидејќи со пораките што тој ги испратил преку социјалните мрежи, ги загрозил меѓународните односи на земјата.