Ahmet Gürhan Kartal
01 Мај 2019•Ажурирај: 02 Мај 2019
ЛОНДОН (АА) - Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, денес е осуден на 50 недели затвор од страна на Британскиот суд поради прекршување на условната казна во 2012 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Асанж беше уапсен откако Амбасадата на Еквадор во Лондон одлучи да го истера од објектот, каде што престојуваше речиси седум години.
Британската полиција соопшти дека тој бил уапсен поради тоа што ја прекршил условната казна во 2012 година и поради барањето за екстрадиција од САД.
Асанж, кој беше осуден од Кралскиот суд на Саутворк ќе се појави на сослушувањето за екстрадиција утре во судот во Вестминистер.
Британските судски власти ќе го проценат барањето за екстрадиција од САД.
Пред да се случи неговото апсење, Викиликс на социјалната мрежа Твитер објави дека висок извор на Еквадор за Викиликс изјавил дека Џулијан Асанж ќе биде протеран во период од неколку часа до неколку денови, користејќи го како изговор офшор-скандалот со „INAPapers“ и дека веќе има договор со Велика Британија за негово апсење, поради документи со кои го вмешуваат претседателот на Еквадор за корупција.
Асанж беше затворен во Еквадорската амбасада во Најтсбриџ, во центарот на Лондон, речиси седум години по барањето дипломатски азил во јуни 2012 година, откако беше баран од шведските обвинители за разни сексуални престапи.
Шведска ги отфрли обвиненијата против него, но Асанж остана во Амбасадата, стравувајќи од екстрадиција во САД поради обвиненијата за објавување на чувствителни американски досиеја од страна на Викиликс
Тој требаше да биде екстрадиран во Стокхолм од страна на британските власти пред да влезе во Амбасадата.
Властите на САД тврдат дека Асанж бил во заговор со поранешната американска разузнавачка аналитичарка, Челзи Менинг, за преземање на класифицирани бази на податоци и дека објавил чувствителни информации за националната безбедност онлајн преку Викиликс.
Ако биде екстрадиран и осуден во САД, Асанж може да добие затворска казна до 5 години.