Ahmet Gürhan Kartal
13 Мај 2019•Ажурирај: 14 Мај 2019
ЛОНДОН (АА) - Случајот за силување против основачот на Викиликс (WikiLeaks), Џулијан Асанж, од пред неколку години, повторно е отворен, објавија денес шведските власти, пренесува Anadolu AGency (AA).
Случајот сега е повторно отворен по барање на една од жените кои наводно биле сексуално нападнати од него, наскоро по неговото апсење од британската полиција во Амбасадата на Еквадор во Лондон, која го повлече азилот претходно даден на Асанж.
Асанж откако побара дипломатски азил во јуни 2012 година речиси седум години престојуваше во зградата на Амбасадата во Најтсбриџ, во центарот на Лондон, откако шведските обвинители го бараа за сослушување во врска со наводните сексуални престапи.
Шведска тогаш ги отфрли обвиненијата против него, а Асанж остана во Амбасадата во Лондон, стравувајќи од екстрадиција во Соединетите Американски Држави (САД) за протекувањето на чувствителните владини документи од страна на Викиликс.
Асанж, исто така, се соочи со истрага во врска со второто обвинение коешто беше отфрлено во 2015 поради временските ограничувања. Асанж ги негираше двете обвинувања.
Основачот на Викиликс е осуден на 50 недели затвор од британскиот суд овој месец за пречекорување на временската рамка за кауција во 2012 година.
Тој требаше да биде екстрадиран во Стокхолм од страна на британските власти пред да влезе во Амбасадата. Сепак, врз основа на новоотворената истрага, Шведска може повторно да бара негова екстрадиција.
Американските власти тврдат дека Асанж бил во заговор со поранешниот американски разузнавачки аналитичар Челзи Менинг, со цел преземање на доверливи бази на податоци, како и дека објавил чувствителни информации за националната безбедност преку Викиликс.
Ако биде екстрадиран и осуден во САД, Асанж може да биде добие затворска казна до пет години.