Aşkın Kıyağan
13 Мај 2019•Ажурирај: 14 Мај 2019
ВИЕНА (АА) - Премиерот на Австрија, Себастијан Курц, пред изборите во Европскиот парламент (ЕП) изјави дека се потребни структурни измени во Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
„Доколку сакаме луѓето повторно да добијат желба за Европа, тогаш е потребно да се затвори покровителството во Брисел“, потенцираше Курц.
Пред изборите за Европскиот парламент кои треба да се одржат кон крајот на овој месец, австрискиот премиер, во изјава за австриската новинска агенција АПА отвори пат за дебати со своите забелешки дека покрај реконструкциите во институциите на Унијата, првенствено е потребно да се измени Лисабонскиот договор, кој е прифатен како Устав на Европската Унија.
Во својата изјава Курц истакна дека е потребно ЕУ да се фокусира на големите проблеми, додека сè што е во врска со малите проблеми треба да им го препушти на земјите членки. „ЕУ наместо да бара повеќе пари, треба да престане на луѓето да им диктира како ќе живеат“, рече Курц.
- Споредба на ЕУ со „бирократски корсет“ -
Во својата изјава Курц истакна дека е потребно бришење на близу 1.000 прописи на ЕУ или тие прописи да им се препуштат на иницијативите на земјите членки.
„Очекувањата на луѓето од ЕУ е таа да најде решение за големите проблеми како што се безбедноста, заштитата на надворешните граници или нештата поврзани со климатските промени. Но никој од ЕУ не очекува воведување прописи за начинот на кој ќе се печат шницли или компири“, посочи Курц.
Курц наведе дека Европската Унија која Европејците ја гледаа како проект за слобода, со тек на времето се претворила во „бирократски корсет“ кој ги притиска општествата. „Доколку сакаме луѓето одново да добијат желба за Европа, тогаш е потребно да се затвори покровителството во Брисел“, подвлече Курц.
- Реакции на опозицијата до Курц -
Реакција на изјавата на Курц упати Беате Мајнл Рајзингер, претседателката на Новиот австриски и либерален форум (NEOS), која наведе дека Курц со цел да ги добие гласовите од избирачите, почнал да користи говор сличен на радикалната десничарска Слободарска партија (FPO).
Рајзингер за изјавата на Курц рече: „Поголемиот број од критиките упатени кон Брисел или кон прописите на ЕУ се клучни реторики на националистичкиот и десничарски популизам“.
Јерг Лехтфрид, претседателот на главната опозициска Социјалдемократската партија на Австрија (SPО), изјави дека Курц во последните 6 години во различни владини состави бил на важни позиции и за одлуките на ЕУ имал право на збор, и поради тоа смета дека последната изјава на австрискиот премиер воопшто не држи.
Лехтфрид, посочувајќи ја идентичноста на изјавите на Курц со радикалните десничарски партии, рече: „Повеќе нема никаква разлика меѓу централно десничарската Австриска народна партија (OVP) и радикалната десничарска ФПО“.
Австрискиот премиер Курц минатата недела изјави дека Лисабонскиот договор, кој стапи на сила во 2009 година, е недоволен за актуелните теми и посочи дека е потребно негово обновување.