Almir Terzic
27 Април 2016•Ажурирај: 28 Април 2016
ВИЕНА (АА) - Европската унија е непотполна без Западниот Балкан, порача австрискиот министер за Европа, интеграции и надворешни работи, Себастијан Курц на импозантниот јавен панел, чиј домаќин беше синоќа, а со што е заокружена дводневната конференција во Виена насловена како „Поттикнување на процесот на проширување и решавање на билатералните спорови", јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на иницијативата за решавање на билатералните прашања во шестте економии на Западниот Балкан е уште еднаш да се поттикне процесот на европската интеграција на стопанството од Југоисточна Европа кои се стремат кон членството во ЕУ. Иницијативата е подржана од страна на министерствата за надворешни работи на Австрија и Франција, Институтот Ренер и Советот за регионална соработка (RCC).
Процесот е започнат пред година дена, а прв успех доживеа на самитот „Западен Балкан 6" минатиот август во Виена, кога министерите за надворешни работи се обврзаа писменo да ги решат сите отворени билатерални прашања во духот на добрососедство и заеднички определби на европските интеграции.
Советодавната група на Европскиот фонд за Балканот „Балкан во Европа" работеше на алатите и механизмот со цел процесот да се продолжи понатаму на овогодинешниот самит на шест економии на Западниот Балкан, кој се одржува 4-ти јули во Париз, така што се пофалени сите нивни напори во Виена и нагласена е важноста како на решавањето на билатералните прашања така и на пронаоѓање на решенија со кои ќе се убрза а не да се спречи процесот на пристап кон ЕУ на целиот регион.
Отварајќи ја синоќешната дебата, Курц вети дека Австрија и понатаму ќе биде „силен глас на поддршката на нашите пријатели на Западен Балкан".
Министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати нагласи дека билатералните спорови можат да се успорат, па дури и да го стопираат процесот на проширување и изрази увереност дека „регионот покажува дека може да го исполни она што е ветено".
Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ, на конференцијата ги изнесе своите искуства како министер за надворешни работи на Србија, па ги наведе различните примени на начини и средства, но и препреките во решавањето на билатерални прашања. Тој објасни дека патот пред нас не е лесен воопшто, но дека досегашната работа на пронаоѓање на начини за решавање на билатерални прашања ветува и охрабрува.
Извршната директорка на Европскиот фонд за Балканот, Хедвиг Морваи, зборуваше за можната улога на цивилното друштво во процесот на пристап кон ЕУ, но и во барање на решение за билатералните прашања. Изјави дека цивилното друштво може да „гради мостови, да негува дијалог и да им помогне на владите да ги надминат овие потешкотии". Сите учесници ја нагласија улогата на регионалната соработка на патот кон ЕУ како и улогата која Советот за регионална соработка ја има и ќе ја има во понатамошниот процес.