Gizem Nisa Çebi Demir
25 Ноември 2026•Ажурирано: 25 Ноември 2026
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека процесот „Турција без тероризам“ претставува историска можност за трајно решавање на 40-годишниот проблем на земјата, јавува Анадолу.
„Пред Турција се отвори историска можност за трајно решавање на нејзиниот 40-годишен проблем“, рече Ердоган во обраќањето на настан во главниот град Анкара.
Започнат кон крајот на 2024 година, проектот „Турција без тероризам“ има цел да стави крај на четиридеценискиот вооружен конфликт на ПКК против Турција преку распуштање и разоружување на оваа терористичка организација. Претходно ПКК ја објави својата одлука да го положи оружјето и да ги напушти своите засолништа во Северен Ирак.
Ердоган истакна дека безбедносните и разузнавачките служби совесно ги извршуваат своите должности и дека процесот се спроведува во согласност со законот.
„Не сакаме да оставиме ни најмал простор за злоупотреби или провокации“, додаде тој.
Турскиот претседател нагласи дека Владата го следи процесот со грижа каква што мајката покажува кон своето дете, потенцирајќи дека цел е зајакнување на мирот, безбедноста и развојот.
Ердоган рече дека сака да се стави крај на страдањата предизвикани од тероризмот, особено кај семејствата што ги загубиле своите најблиски.
„Сакаме мајките, татковците и децата повеќе да не леат солзи. Не сакаме млади луѓе, полни со надеж и во најубави години од животот, да бидат пресечени како фиданки пред да добијат шанса да пораснат“, порача тој.
Тој изјави дека Турција има цел да изгради иднина ослободена од тероризмот и неговите пошироки последици.
„Сакаме 'Столетието на Турција' да го крунисаме прво со Турција без тероризам, а потоа и со регион без тероризам“, изјави Ердоган.
Исто така, тој предупреди да не се дозволи внатрешните политички превирања да ја поткопаат иницијативата.
„Никој нема право внатрепартиските борби за моќ да ги претвори во товар за овој процес, да го префрла нивниот товар врз него или да ги става над неговите цели“, рече Ердоган, додавајќи дека владејачкиот Народен сојуз нема да дозволи процесот да биде залуден или жртвуван за лични интереси.
- Пад на воени хеликоптери -
Одделно, Ердоган соопшти дека се поведени истраги за падовите на воените хеликоптери во Малатија и Ескишехир, кои се случија на растојание од само 12 дена.
„Поведени се истраги за овие две трагични несреќи, кои се случија во рок од само 12 дена. Проверките и истражните постапки ќе бидат спроведени на начин што нема да остави простор ни за најмало сомнение“, нагласи тој.
Овие изјави доаѓаат откако девет припадници на армијата загинаа во две несреќи со воени хеликоптери во Турција во период од 12 дена.
Петмина припадници на Воздухопловните сили загинаа кога хеликоптер од типот „АС-532“ се урна за време на тренажен лет, веднаш по полетувањето од Ескишехир вчера.
Претходно четири воени лица загинаа при пад на хеликоптер „С-70“ во источната област Малатија.