Ömer Aydın
24 Ноември 2016•Ажурирај: 25 Ноември 2016
СТРАЗБУРГ (АА) - Европскиот парламент (ЕП) ја прифати предлог-резолуцијата, којашто не е правно обврзувачка, за привремено замрзнување на преговорите на Турција со Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
Предлог-резолуцијата во вторникот беше на пленарна седница, а денес беше усвоена со 479 гласа „за“ и 37 „против“. Воздржано гласаа 107 пратеници.
Во предлог-резолуцијата се подразбира привремена суспензија на преговорите за членство на Турција во ЕУ, поради како што е наведено, околностите што со себе ги донесе воведувањето на вонредната состојба во таа земја, откако на 15 јули оваа година терористичката организација ФЕТО се обиде да изврши државен удар.
Во одлуката се истакнува и се поддржува легитимното право на Турција да ги процесуира одговорните за обидот за државен удар и се напоменува дека за продолжување на преговорите за членство во ЕУ, во таа земја треба да биде укината вонредната состојба. Во одлуката е упатена и силна осуда на обидот за државен удар.
Со оглед на тоа што ЕП не е надлежен за суспендирање или прекинување на преговорите за членство на некоја од земјите-кандидати, денешната одлука е од советодавен карактер за Советот на ЕУ и владите на земјите-членки на ЕУ.
Во врска со прашањето на преговорите меѓу Турција и ЕУ, се очекува во декември да се разговара на Самитот на лидерите на ЕУ.