Ayhan Şimşek
25 Ноември 2016•Ажурирај: 26 Ноември 2016
БЕРЛИН (АА) - Германската влада денес се спротистави на повикот за замрзнување на преговорите за членство на Турција во ЕУ, тврдејќи дека таквиот потег нема да помогне во подобрување на демократијата и човековите права во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на прес-конференцијата во Берлин, заменик портпаролката на министерството за надворешни работи на Германија, Савсан Чебли, рече дека Германија ги поддржува и се надева на продолжување на преговорите за пристап на Турција кон ЕУ.
„Ние имаме голем интерес во врска со Турција за континуирана ориентација и прогрес кон Европа” , вели таа.
„Но ,како што изјави нашиот министер, на крајот тоа останува на Турција дали ќе го продолжи патот кон Европа или ќе си замине од таму” , додаде таа.
Чебли ги направи овие забелешки ден откако Европскиот парламент го одобри необврзувачкиот предлог за замрзнување на преговорите за членство на Турција во ЕУ, како одговор на истрагите по обидот за државен удар и неодамнешните настани во земјата.
Повикувајќи се на посетата на германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер во Анкара минатата недела и неговите состаноци со претставниците на турското граѓанско општество и опозициските пратеници, Чебли нагласи дека многу од овие луѓе исто така се противеле на замрзнување на преговорите за членство на Турција во ЕУ.
„Кога зборуваме со нив, тие ни велат дека е важно да ги продолжиме преговорите. Важно е да не ги замрзнеме преговорите за пристап, ваквиот потег многу повеќе би наштетил на односите помеѓу Европа и Турција” , вели таа.
„Тоа не би било во интерес ниту на Турција ниту на Европа”, додаде Чебли.
Европскиот парламент ја повика комисијата и земјите членки да извршат привремено замрзнување на преговорите за пристап на Турција во ЕУ.