Ekipa
13 Мај 2019•Ажурирај: 14 Мај 2019
ГАЗА (АА) - Половина од Палестинците во Појасот Газа, кој е под израелска блокада, зависат од помошта во храна, објави денес Агенцијата за бегалци на Обединетите нации, УНРВА, пренесува Anadolu Agency (AA).
УНРВА упати апел за обезбедување дополнителни 60 милиони долари до јуни, за да ѝ се помогне на Агенцијата во обезбедувањето помош за над еден милион палестински бегалци во Газа.
„Од помалку од 80.000 палестински бегалци кои добиваа социјална помош од УНРВА во Газа во 2000 година, денес има над еден милион луѓе на кои им е потребна итна помош во храна, без која не можат да го минат денот“, се истакнува од УНРВА.
Оттаму велат дека во моментов има околу 620.000 жители на Газа што живеат во голема сиромаштија, оние кои не можат да ги покријат своите основни потреби за храна и кои мораат да преживеат со 1,6 долари дневно, додека речиси 390.000 жители на Газа се апсолутно сиромашни.
Матијас Шмале, директор на операциите на УНРВА во Газа, за влошените услови за живот во Појасот Газа ја обвини 12-годишната израелска блокада.
„Ова е речиси десеткратно зголемување предизвикано од блокадата што доведе до затворање на Газа, нејзиното катастрофално влијание врз локалната економија, последователните конфликти кои уништија цели населби како и инфраструктурата, како и тековната внатрешна палестинска политичка криза што започна во 2007 година со доаѓањето на Хамас на власт во Газа“, рече Шмале.
Во Извештајот на ОН од 2017 година се предвидува дека во Газа, инаку дом на речиси два милиони Палестинци, до 2020 година ќе биде невозможно да се живее.
„Денес, со стапка на невработеност од над 53 отсто и со над еден милион луѓе кои зависат од кварталниот дотур на храна од УНРВА, превентивните хуманитарни акции на агенциите на ОН, вклучително и УНРВА, и пратките од странство ги задржуваат жителите на Газа од работ на целосен колапс“, се нагласува од УНРВА.
Од 2008 година, Израел започна три војни во Појасот Газа, убивајќи илјадници Палестинци и оставајќи голема материјална штета во крајбрежната енклава.