Sinan Doğan
01 Мај 2019•Ажурирај: 02 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Боливискиот претседател, Ево Моралес, укажувајќи на поддршката на американскиот претседател Доналд Трамп во обидот за државен удар во Венецуела, рече дека администрацијата на Вашингтон уште еднаш не успеа да ја собори Владата во Венецуела, пренесува Anadolu Agency (AA).
Моралес, на својот твитер-профил, имплицирајќи дека Соединетите Американски Држави (САД) стојат зад обидот за државен удар во Венецуела напиша: „Трамп повторно беше неуспешен“.
Моралес, исто така, критикувајќи ги земјите кои ја поддржаа иницијативата предводена од претседателот на Националното собрание, Хуан Гваидо, кој се самопрогласи за „привремен претседател“, нагласи: „За жал, некои земји прават грешки, и ја поддржуваат погрешната страна. Нашите барања секогаш треба да бидат насочени кон мир и независност на земјите“.
Нагласувајќи дека тие се зад народот и претседателот Мадуро, Моралес рече: „Народот на Венецуела го одбрани суверенитетот и покажа одлучност“.
- Обид за државен удар во Венецуела -
Претседателот на Собранието, Хуан Гваидо, кој на 23 јануари се самопрогласи за претседател на државата, со 3-минутното видео што го објави на социјалната мрежа Твитер, ја повика Војската и народот да излезат на улица.
Видеото што го снимил околу воздухопловната база „Ла Карлота“ во Каракас со група војници до него, Гваидо го објави на Твитер. Беше соопштено дека некои воени единици ги затвориле патиштата, и дека во некои улици се забележани воени возила.
Венецуелскиот министер за одбрана, Владимир Падрино Лопез, истакнувајќи дека ќе го спречат обидот за државен удар, рече: „Ние како вооружени сили положивме заклетва дека ќе го штитиме уставниот поредок. Ние сме будни пред предавничкиот обид за државен удар. Во воените единици нема невообичаена состојба, сите се на располагање на своите командири“.
Американската администрација со изјавите даде целосна поддршка за обидот за државен удар на Гваидо и неговите поддржувачи.