Hasan Esen
12 Април 2019•Ажурирај: 13 Април 2019
ЛОНДОН (АА) - Лидерот на британската опозиција, Џереми Корбин, изјави дека основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, не би требало да биде испорачан на Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
„Владата на Велика Британија мора да се спротистави на барањето за испорачување на Џулијан Асанж на САД поради фактот што ги откри доказите за злосторствата во Ирак и Авганистан“, напиша на Твитер лидерот на Работничката партија, Корбин.
Со пораката на оваа социјална мрежа, Корбин објави видеоснимка на која може да се види како американските војници во Ирак убиваат 10 цивили и двајца новинари. Станува збор за видеоснимка што ја објави Викиликс.
Полицијата во Лондон вчера го уапси основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, во еквадорската Амбасада, врз основа на судскиот налог од 2012 година.
Во соопштението објавено вчера, полицијата наведува дека Асанж е однесен во притвор во централната полициска станица во Лондон, каде што и ќе остане сè додека не биде изведен пред судот Вестминстер Магистрејтс Westminster Magistrates, штом биде можно.
Австралиецот Асанж, програмер, новинар и активист, е главен уредник и основач на Викиликс, организација која објавува тајни информации и доверливи документи од анонимните извори „свиркачи“.
При неговиот престој во Шведска во октомври 2010 година, шведската полиција започна да ја истражува неговата вмешаност во случај со силување.
Кога британските власти на Шведска ѝ одобрија испорачување на Асанж, тој во 2012 година најде засолниште во еквадорската Амбасада каде што доби дипломатски азил.
Асанж од 2012 година не ја напушти Амбасадата поради страв дека доколку ја напушти зградата ќе биде уапсен и испорачан на САД.