Elena Teslova
12 Април 2019•Ажурирај: 14 Април 2019
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денес ги критикуваше САД поради вршењето притисок врз Турција во врска со одлуката за купување на рускиот одбранбен систем „С-400“, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на Дипломатската академија во Москва, Лавров изјави дека САД користат методи за притисок на власта, за да направат земјите да се усогласат со нивната политика.
Според неговите зборови, Вашингтон врши притисок не само врз земјите кои се стремат кон независни политики, туку исто така и кон своите најблиски сојузници.
„Ситуацијата со заканите против членката на НАТО, Турција, за одлуката на Анкара да го зајакне својот одбранбен капацитет со купување на рускиот одбранбен систем „С-400“ е еден пример, има и многу други“, рече тој.
Вашингтон реагираше во врска со турската набавка на рускиот „С-400“, а минатата недела ја прекина испораката на делови и услуги за борбените авиони „Ф-35“.
Конгресмените и потпретседателот на САД се заканија дека ќе ја откажат продажбата на „Ф-35“ поради договорот за „С-400“.
Официјалните претставници на САД сугерираа дека е подобро Турција да го купи ракетниот систем „Патриот“ отколку воздушниот одбранбен систем „С-400“, тврдејќи дека не е компатибилен со системите на НАТО и дека ќе ги изложи „Ф-35“ на можна руска измама.
Турција на тоа одговори дека одбивањето на САД да го продадат „Патриот“ довело до тоа Турција да бара други продавачи, додавајќи дека Русија понудила подобар договор, вклучувајќи ги и технолошките трансфери.
„С-300“ - претходник на сегашниот систем - се користи од земјите на НАТО, Бугарија, Грција и Словачка. Нивните договори со Русија не предизвикаа критики од Вашингтон.