Rafiu Oriyomi Ajakaye
12 Април 2019•Ажурирај: 16 Април 2019
ЛАГОС (АА) - „Повеќе од 3.500 деца, повеќето од нив на возраст од 13 и 17 години, беа регрутирани од страна на вооружените милитантски групи во период меѓу 2013 и 2017 година и се користени во тековниот вооружен конфликт во североисточна Нигерија“, се вели од Агенцијата за деца на ОН, УНИЦЕФ.
Соопштението од УНИЦЕФ е издадено на 5. годишнина од киднапирањето на 276 ученички во североисточниот град Чибок. Најмалку 100 девојки останаа заробени.
Од Агенцијата се вели дека бројките можеби не ја покажуваат вистинската слика за користењето на децата војници од страна на вооружените групи, особено Боко Харам.
„Покрај овие деца, 432 деца беа убиени и осакатени, 180 беа киднапирани, а 43 девојки беа сексуално злоупотребени во североисточна Нигерија во 2018 година“, се вели во соопштението.
Во соопштението се вели дека киднапирањето во Чибок, кое веднаш беше проследено по друго масовно киднапирање на 100 девојчиња во Дапчи, е мрачен потсетник дека широко распространетите киднапирања на деца и сериозните прекршувања на правата на децата продолжуваат да се одвиваат на североисток.
„Децата треба да се чувствуваат безбедно во своите домови, училишта и на местата каде што си играат“, во соопштението беше цитиран Мохамед Малицк Фал претставникот на УНИЦЕФ во Нигерија.
„Ги повикуваме сите страни во конфликтот да ги исполнат нивните обврски во рамките на меѓународното право и да стават крај на злоупотребувањата на децата, како и да престанат да ја имаат за цел цивилната инфраструктура, вклучувајќи ги училиштата“, изјави Фал.
„Од 2012 година, недржавните вооружени групи во североисточна Нигерија регрутирале и користеле деца како борци и не-борци, силувале и принудувале девојки да се венчаат и извршиле други сериозни прекршувања против децата“, се вели од Агенцијата.
Во соопштението се вели декоа некои девојки биле бремени во притворот и се породиле без никаква медицинска грижа или внимание.