Kasım İleri
15 Декември 2016•Ажурирај: 16 Декември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Портпаролот на Стејт департментот изјави дека САД ќе продолжат да се залагаат за политичко решение во Сирија поради напорите на Турција и Русија да обезбедат примирје во источен Алепо и евакуација на цивилите, јавува Anadolu Agency (AA).
Џон Кирби пред новинарите изјави дека државниот секретар Џон Кери контактирал со неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и министерот за надворешни работи на Катар, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, за да дискутираат за ситуацијата во Алепо.
Кога Кирби во своето обраќање се обидуваше да ги претстави напорите на САД во најдобра светлина, тој беше прекинат од страна на новинар кој го праша зошто САД не одат подалеку од дипломатските разговори за да ги заштитат десетиците илјади цивили заробени во сирискиот град.
„Вие не успеавте и постојано ја правите истата работа, која е комбинација на обидот да ги здружите луѓето во вакови разговори поврзани со еден вид на несовршен прекин на огнот, а тогаш кога работите ќе тргнат на лошо се лутите и ги обвинувате (поддржувачите на сирискиот режим) за воени злосторства и злосторства против човечноста. На крајот, ништо не се менува. Ниеднаш не успеавте“, рече новинарот.
Кирби одговори дека Кери ја нагласил потребата за итно спречување на трагедијата во Алепо и ги обвини шиитските борци поддржани од Иран за нарушување на примирјето обезбедено во вторникот од страна на Турција и Русија.
„Што и да беше објавено вчера, очигледно не издржа многу поради режимот и подмолните борци поддржани од Иран кои го прекршија договорот“, Кирби цитирајќи телефонски разговор на Кери ги бранеше дипломатските напори на САД за постигнување на политичко решение.
„Неуспехот е во верувањето дека оваа војна може да се реши воено“, рече тој. „ Неуспехот се должи на тоа што Русија не врши соодветен притисок врз режимот на Асад за да се спречи бруталноста“.
Новинарот реплицираше дека САД како најсилна земја во светот, има одговорност да направи многу повеќе од спроведување дипломатски разговори за отворање на патот за меѓународната заедница да го пронајде решението за Сирија.
Телефонскиот разговор на Кери со неговите колеги доаѓа во време на обидите за повторно воспоставување примирје во Алепо, и во период кога Москва објави дека ќе се одржи трилатерален самит со турските и иранските официјални лица на 27 декември во Москва.
Кирби призна дека САД не е дел од разговорите меѓу Турција и Русија и дека не се повикани на самитот.