Esra Tekin
20 Ноември 2026•Ажурирано: 20 Ноември 2026
Турскиот борбен авион без екипаж „Кизилелма“, развиен во земјата, влезе во составот на Турските вооружени сили по долгогодишен развој, соопшти денес претседателот Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.
„Верувам дека нашата славна армија ќе остварува победа по победа со „Бајрактар Кизилелма“ и се надевам дека оваа горда пресвртница ќе донесе големи успеси“, напиша Ердоган на социјалните мрежи.
Турскиот производител на беспилотни летала „Бајкар“ вчера соопшти дека првите три борбени авиони без екипаж „Бајрактар Кизилелма“ им ги испорачал на турските безбедносни сили, речиси четири години по првиот лет на леталото.
Во соопштение објавено на турската социјална платформа НСосијал, „Бајкар“ наведе дека „Кизилелма“ е прв борбен авион без екипаж во светот што влегол во воена служба.
„Денес на нашата нација ѝ го испорачуваме сонот чија реализација ја започнавме пред 20 години“, соопшти компанијата.
„Кизилелма“, развиен со сопствени средства на „Бајкар“, е наменет за воздушни борби и напади врз копнени цели. Компанијата работи и на негово приспособување за операции од бродови со кратки полетни палуби.
Авионот е долг 14,5 метри, има распон на крилјата од 10 метри и максимална тежина при полетување од 8,5 метрички тони.
Според „Бајкар“, може да достигне максимална брзина од Мах 0,9, односно 90 проценти од брзината на звукот, а во воздух да остане повеќе од три часа.
- Од првиот лет до автономно летање во формација -
„Бајкар“ го претстави проектот во 2021 година, а прототипот го прикажа следната година на воздухопловниот и технолошки фестивал ТЕХНОФЕСТ, во северниот турски град Самсун.
Леталото го изведе првиот лет на 14 декември 2022 година, при што леташе 18 минути во тест-центарот на „Бајкар“ во Чорлу, во Северозападна Турција.
Во април 2023 година „Кизилелма“ леташе во блиска формација со беспилотното летало „Акинџи“ на „Бајкар“ за време на тестирањата во Чорлу. Подоцна двете летала го повторија летот во формација пред публиката на ТЕХНОФЕСТ во Истанбул.
На 29 ноември 2025 година „Кизилелма“ погоди воздушна цел придвижувана со млазен мотор со помош на турската ракета воздух-воздух „Ѓокдоган“, за време на тестирање во близина на брегот на Црното Море, кај Синоп, соопшти „Бајкар“.
Следниот месец, два прототипа на „Кизилелма“ автономно летаа во блиска формација над Чорлу.
Од компанијата соопштија дека леталата користеле софтвер развиен од нивните инженери за координирање на движењата и извршување воздушна патрола по однапред утврдена маршрута.
Во соопштението објавено вчера, „Бајкар“ им се заблагодари на членовите на тимот што работел на леталото и им оддаде почит на колегите што починале за време на неговиот развој.
Компанијата му оддаде почит и на својот покоен основач, Оздемир Бајрактар, за неговиот придонес во Националната технолошка иницијатива на Турција.