Michael Sercan Daventry
07 Ноември 2016•Ажурирај: 08 Ноември 2016
ЛОНДОН (АА) - Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, ќе биде сослушан во присуство на шведските обвинители следната недела, во Лондон, четири години откако беше засолнет во амбасадата на Еквадор во Лондон, јавува Anadolu Agency (AA).
Шведска денес потврди дека Еквадор го одобрил барањето на официјалните лица на Шведска да присуствуваат на сослушувањето на Асанж на 14 ноември, во зградата на амбасадата.
Сослушувањето ќе биде проследено од обвинителот на Еквадор и ќе биде земен примерок од ДНК, во согласност на Асанж, се вели од шведското обвинителство.
„Го поздравувам фактот што истрагата сега може да продолжи преку сослушување на осомничениот“, вели Мариана Ну, обвинителот задолжен за овој случај.
Шведска го бара Асанж (45) поради обвинение за сексуална злоупотреба.
Тој беше засолнет во амбасадата на Еквадор, во Лондон, од јуни 2012 година, а властите на Велика Британија го одобрија барањето на Шведска за негова екстрадиција.
Оваа акција беше спречена, бидејќи според дипломатските правила, на британската полиција не ѝ е дозволен влез во зградата на амбасадата, така што беше спречено апсењето на Асанж.
„Подоцна резултатите од сослушувањето од Еквадор ќе бидат испратени до шведските обвинители во писмена изјава. По извештајот, обвинителите ќе одлучат дали ќе се продолжи со истрагата“, се додава од шведското обвинителство.