Burak Bir
11 Април 2023•Ажурирај: 12 Април 2023
ЛОНДОН (АА) – Десетици парламентарци од шест партии, како и независни пратеници и лордови во Велика Британија, го повикаа државниот обвинител на Соединетите Американски Држав да ја прекине постапката за екстрадиција на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, јавува Анадолу.
На четвртата годишнина од затворањето на Џулијан Асанж, 23 британски пратеници и 14 лордови напишаа писмо во кое бараат Мерик Гарланд да го прекине процесот на екстрадиција на Асанж.
Пратениците предупредуваат дека екстрадицијата „јасно би имала застрашувачки ефект врз новинарството и би поставила опасен преседан за другите новинари и медиумски организации. Тоа, исто така, би го поткопало угледот на САД за слобода на изразувањето и владеење на правото“, се вели во нивното писмо.
Во меѓувреме, на британските парламентарци им се придружија и законодавците во САД, Австралија, Мексико и Бразил, кои исто така бараат од американската Влада да ја прекине постапката против Асанж.
„На екстрадицијата, исто така, ѝ се противат и поранешниот специјален известувач на Обединетите нации, Нилс Мелцер, и комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ“, се вели во писмото.
Асанж, австралиски државјанин, е во притвор во Велика Британија, која ја одобри неговата екстрадиција во САД минатата година.
На 1 јули 2022 година Асанж поднесе жалба до британскиот Висок суд против одлуката на британската Влада да го екстрадира во САД.
Овој потег предизвика нова битка меѓу неговиот правен тим и Министерството за внатрешни работи на САД.
Американските власти го бараат Асанж поради наводи за заговор по објавувањето стотици илјади документи поврзани со војните во Ирак и Авганистан, вклучително и докази за можни воени злосторства.
Доколку биде екстрадиран во САД, Асанж ќе се соочи со 18 точки од обвинението за хакирање на компјутерите на американската Влада и кршење на законите за шпионажа и му се заканува потенцијална повеќегодишна затворска казна.
Во 2019 година Асанж беше извлечен од зградата на Амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што се засолнуваше повеќе од седум години.