Betül Yürük
24 Мај 2019•Ажурирај: 26 Мај 2019
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Тимот на Обединетите нации (ОН), кој ги истражува кривичните дела што ги извршила терористичката организација ДЕАШ во Ирак, откри 12 масовни гробници во оваа земја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Овој тим од октомври 2018 година врши активности во Ирак, со поддршка на експерти, како и на разузнавачки експерти од Турција, Шведска, Германија и Саудиска Арабија.
Во вториот извештај, што беше поднесен до Советот за безбедност на ОН, се вклучени кривичните дела на ДЕАШ, како „Напади врз Езидите во 2014 година“, „Злосторствата извршени во Мосул во 2016 година“, и „Егзекутираните ирачки војници во Тикрит во 2014 година“.
Во извештајот се наведува дека се откриени 12 масовни гробници во Ирак, и дека се земени форензички, физички и биолошки докази од гробниците. Се вели дека биле собрани докази и преку разговарање со жртвите на ДЕАШ, како и со нивните блиски.
Според овој извештај, тимот на ОН е подготвен со земјите и судовите да ги сподели собраните докази со цел ДЕАШ да биде обвинета за воено злосторство, злосторство против човештвото и кривични дела кои би можеле да се сметаат за геноцид.