Haydar Hadi
25 Септември 2017•Ажурирај: 26 Септември 2017
БАГДАД (АА) - Парламентот на Ирак денес донесе одлука за испраќање и ангажирање на воените сили во Киркук и во другите региони со нерешен статус во северниот дел на Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
„Парламентот донесе одлука владата на Ирак да испрати воени сили за да се грижат за безбедноста на граѓаните во Киркук и во другите региони со нерешен статус, на северот од земјата“, се вели во соопштението на раководството на ирачкиот Парламент.
Во соопштението се наведува дека Парламентот денес ја усвоил одлуката за затворање на сите гранични премини под контрола на Курдската регионална управа во северен Ирак.
Парламентот, исто така ја усвои одлуката за преземање на контролата врз нафтените ресурси во Киркук, и за суспензија на сите државни службеници кои денес во тој регион ќе излезат на спорниот референдум.
Паралелно со ова, премиерот на Ирак, Хајдар ал-Абади, нареди ирачките безбедносни сили да ги заштитат сите граѓани во северните делови на земјата, во кои Курдската регионална управа денес го спроведува неуставниот референдум за независност.
Уставниот суд на Ирак претходно го забрани одржувањето на спорниот референдум, а против рефрендумот се и Турција, Иран, САД и целата меѓународна заедница, со исклучок на Израел.
И покрај предупредувањата, Курдската управа денес го организираше референдумот, но и во Киркук и во другите региони кои имаат нерешен статус според Уставот на Ирак.
Спорниот статус на Киркук чека на решение уште од 2003 година и од американската инвазија во Ирак, кога курдските сили од северниот дел на Ирак презедоа контрола врз градот и кога голем број курдско население се досели во него.
Уставот на Ирак, кој е усвоен во 2005 година, во членот 140 предвидува статусот на Киркук да се одреди со референдум кој ќе се организира откако прогонетите жители во периодот на власта на Садам Хусеин се вратат во градот, и откако се изврши попис на населението.
Официјален Багдад тврди дека власта во регионот на Киркук е под ингеренции на ирачката влада, додека локалното курдско население и владејачката Унија на курдски патриоти сакаат регионот да се спои со Курдската регионална управа во северен Ирак. Туркменското и арапското население и нивните политички партии се спротивставуваат на тој план и бараат на Киркук да му се даде специјален статус во Ирак.