Islam Uddin
10 Септември 2021•Ажурирај: 10 Септември 2021
ИСЛАМАБАД (АА) - Пакистан денеска предупреди дека Авганистан може да западне во хуманитарна криза, бидејќи милиони Авганистанци имаат потреба од итна хуманитарна помош, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на состанокот на Советот за безбедност на ОН за Авганистан, амбасадорот на Пакистан во ОН, Мунир Акрам, рече дека светот мора да спречи ситуацијата да се влоши понатаму, бидејќи тоа може да предизвика огромен одлив на бегалци и да ги комплицира изгледите за градење мир и безбедност, се вели во соопштение издадено од мисијата на Пакистан во ОН.
„Поради пандемијата на Ковид-19, конфликтот и неуспехот на минатите влади, како и нивната корупција, хуманитарната ситуација во Авганистан е тешка, при што речиси 18 милиони Авганистанци имаат потреба од итна хуманитарна помош“, рече Акрам.
„Меѓународната заедница треба да учи од минатото и мора да остане ангажирана во Авганистан, бидејќи нестабилноста или економскиот колапс ќе го продолжат конфликтот и ќе го продолжат страдањето на луѓето во Авганистан“, рече тој.
„Ова нема да има корист за никого, освен оние кои сметаат дека континуираниот конфликт во Авганистан е можност да се искористат немирите за да се спонзорира тероризмот од неговата територија“, додаде тој.
Тој на Советот за безбедност на ОН рече дека над еден милион Авганистанци се убиени, повредени, осакатени и трауматизирани за време на последните четири децении војна, што ја уништи и онака кревката економија на земјата.
„Денес Авганистан е во клучен момент во својата историја. Авганистанскиот народ може, со поддршка на меѓународната заедница, да го врати мирот и да ги оживее перспективите за развој“, рече тој.
Истакнувајќи ја потребата за обновување на мирот во Авганистан, Акрам рече дека соседен Пакистан е под силно влијание од последиците од конфликтот во Авганистан.
„Во таканаречената „војна против теророт“, 80.000 Пакистанци загинаа во терористички напади, а илјадници беа повредени. Нашата економија претрпе штета од над 150 милијарди американски долари“, рече тој.
Истакна дека се надева оти новата привремена талибанска Влада ќе успее да воспостави закон и ред и чувство на безбедност во земјата, да ги врати основните услуги за луѓето и да овозможи навремена дистрибуција на меѓународна хуманитарна помош во координација со ОН и нејзините агенции.
„Пристапот на Авганистан до своите финансиски ресурси е од суштинско значење за да се спречи натамошно влошување на кревката економска ситуација и колапсот на нејзината економија. Ова е од суштинско значење за да се спречи инфлација, зголемување на цените, зголемена сиромаштија и масовно бегство на бегалци од Авганистан“, тврди тој.
Јенс Лерке, портпарол на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА), во вторникот предупреди дека „основните услуги во Авганистан пропаѓаат, а храната и другата помош се при крај“.