Ahmet Gençtürk
16 Јули 2022•Ажурирај: 17 Јули 2022
БРИСЕЛ (АА) - Искусната новинарка Хаџа Лабиб е именувана за нова министерка за надворешни работи на Белгија, известува Агенција Анадолија (АА).
Хаџа Лабиб, поранешна водителка на вести на белгискиот јавен радиодифузен сервис РТБФ (RTBF), ќе ја замени Софи Вилмес, која поднесе оставка на функцијата шефица на белгиската дипломатија.
Оваа информација во Брисел за новинарите ја потврди Жорж-Луи Буше, претседател на Движењето реформатори (MR), чија членка е Лабиб.
„Немам политичко искуство, но го познавам тоа подрачје. Бев на терен како репортерка“, рече Лабиб во текот на конференцијата за новинарите, зборувајќи за своето новинарство на Блискиот Исток, Авганистан, Пакистан и Индија.
Лабиб, по потекло од алжирско семејство, родена е во белгискиот град Буси во 1970 година.
Заврши факултет за новинарство и комуникологија и со години работеше за РТБФ на француски јазик. Во почетокот известуваше од Авганистан и Блискиот Исток, но подоцна стана водителка на вести.