Ekip
16 Јули 2022•Ажурирај: 17 Јули 2022
ТЕХЕРАН (АА) - Иранската власт ги отфрли неоснованите тврдења на американските официјални лица за испраќање дронови во Русија што би се користеле во војната против Украина, известува Агенција Анадолија (АА).
Иранскиот министер за надворешни работи, Хусеин Емир Абдулахијан, телефонски разговарал со украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, и во таа прилика рекол дека тврдењата на американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан во текот на блискоисточната турнеја на претседателот Џо Бајден се неосновани и политички мотивирани.
Белата куќа во понеделникот соопшти дека е уверена дека Иран се подготвува да ѝ испорача на Русија стотици беспилотни летала (UAV), вклучувајќи и вооружени дронови, што руските сили би ги користеле во војната во Украина.
Саливан, кој го придружува Бајден на неговата регионална турнеја во Израел и Саудиска Арабија, во понеделникот изјави дека не е јасно дали Иран веќе испратил некои од своите беспилотни системи во Русија, но дека САД имаат информации кои наведуваат дека се подготвуваат да ги обучат руските сили да ги користат.
Во средата Саливан на пат кон Тел Авив рече дека обидот на рускиот претседател Владимир Путин да ја разбуди врската со Иран претставува сериозна закана.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, најави дека следната недела ќе го посети Техеран, каде што ќе одржи билатерални разговори со својот ирански колега Ибрахим Раиси, како и тројни разговори, на кои заедно со Раиси ќе учествуваа и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Емир Абдулахијан, во обид да ја намали загриженоста на Киев, изјави дека Иран има принципиелна и јасна позиција во противењето на војната во Украина, за разлика од некои западни земји кои имаат двоен пристап.
Тој рече дека Техеран ги продолжува своите напори за ставање крај на војната и кризата во Украина.
„Шефот на украинската дипломатија Кулеба рече дека го цени континуитетот на комуникацијата со Иран, дури и во тешките воени денови“, се вели во пораката што на Инстаграм ја објави иранскиот министер за надворешни работи.
Иран е близок сојузник на Русија и властите од Техеран досега децидно не го осудија рускиот напад на Украина, туку за тоа го обвинуваат НАТО.