живот

Поп-ѕвездата Бритни Спирс по 13 години ослободена од надзорот на нејзиниот татко

Судијата Бренда Пени, нарекувајќи ја сегашната ситуација „неодржлива“, одлучи овластениот сметководител Џон Забел да ја преземе контролата врз имотот на Спирс

Andrew John Roesgen  | 30.09.2021 - Обновена : 01.10.2021
Поп-ѕвездата Бритни Спирс по 13 години ослободена од надзорот на нејзиниот татко

ЧИКАГО (АА) - Американската поп-ѕвезда Бритни Спирс првпат по 13 години нема да биде под надзор на својот татко, откако судот во Лос Анџелес одлучи Џејми Спирс веднаш да биде суспендиран од позицијата старател, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Судијата Бренда Пени, нарекувајќи ја сегашната ситуација „неодржлива“, одлучи овластениот сметководител Џон Забел да ја преземе контролата врз нејзиниот имот.

Џејми Спирс, соочен со жестоки критики за 13-годишното управување со работите на неговата ќерка, всушност сакаше старателството да се прекине трајно, но судијката одеднаш ја суспендира неговата улога. Сослушувањето за тоа како да се продолжи со управувањето со имотот или дали целосно да се заврши старателството, најверојатно ќе се одржи до крајот на годината.

Бритни Спирс не присуствуваше на судското рочиште, но според американските медиуми, нејзиниот адвокат Метју Розенгарт упатил сериозни обвинувања против нејзиниот татко, нарекувајќи го „суров, токсичен и насилен човек“.

Тој, исто така, цитира извештај од „Њујорк тајмс“ дека Џејми поставил уред за снимање во нејзината спална соба.

„Дознавме дека г. Спирс направил нешто што не може да се разбере“, рече Розенгарт. „Тој му наложил на тимот за безбедност, платен од мојот клиент, да постави уред за слушање во спалната соба на Бритни.“

Ваквите обвинувања ги отфрли адвокатка на Џејми, Вивиан Торин, која рече: „Тоа не е доказ, тоа е реторика.“

Во јуни, Бритни плачеше за време на судското рочиште, на кое побара да се стави крај на надзорот на нејзиниот татко. Таа, исто така, објави пораки на социјалните мрежи со барање нејзиниот татко и другите инволвирани да се соочат со кривични пријави за „злоупотреба на старателството“.

Џејми Спирс ја презеде контролата врз имотот на неговата ќерка, добитничка на Греми, по проблемите со нејзиното ментално здравје, кои ја доведоа во прашање нејзината способност да управува со својот имот, кој сега се проценува меѓу 100 и 200 милиони долари.

Но, дури три документарни филмови за нејзиниот случај фрлија сомнеж врз работата на Џејми Спирс, поради што меѓу нејзините фанови беше основано движење „Слободна Бритни“. Дури и членовите на американскиот Конгрес, конзервативци и либерали, побараа да се стави крај на неговиот надзор.

Десетици обожаватели на Спирс пред судот во Лос Анџелес ја поддржаа вчерашната одлука.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.