Ekrem Biçeroğlu,Muhammed Emin Canik
27 Февруари 2025•Ажурирај: 01 Март 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Во болниците се префрлени телата на 17 Палестинци извлечени од урнатините во Појасот Газа во последните 48 часа, каде што е постигнат прекин на огнот по 471 ден израелски бомбардирања и гранатирања, известува Анадолу.
Палестинското Министерство за здравство во Газа ги сподели најновите информации за убиените и повредените Палестинци во нападите на израелската Армија по воведениот договор за прекин на огнот и размена на затвореници постигнат меѓу Израел и Хамас на 19 јануари.
Во соопштението се наведува дека во последните 48 часа од урнатините се извлечени мртвите тела на 17 Палестинци и се пренесени во болниците, а 19 лица се ранети.
Соопштено е дека бројот на Палестинци кои се убиени во израелските напади врз Појасот Газа, од 7 октомври 2023 година до прекинот на огнот на 19 јануари, е зголемен на 48.365, додека бројот на повредени изнесува 111.780.
И покрај договорот за прекин на огнот и размена на затвореници постигнат со Хамас, Израел продолжува често да го прекршува примирјето во Газа.
Во писменото соопштение објавено на 11 февруари, генералниот директор на Министерството за здравство во Газа, Мунир ал Бурш, објави дека 92 Палестинци се убиени во директните напади на Израел врз Појасот Газа по стапувањето на сила на договорот за прекин на огнот.