Sena Güler
11 Јули 2018•Ажурирај: 12 Јули 2018
ГАЗА (АА) - Израел денес ослободи седум патници од палестинската хуманитарна флотила која се обидуваше да ја прекине долгогодишната блокада на Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
Флотилата вчера беше пресретната од Израелските поморски сили.
Координаторот на Националниот комитет за прекинување на опсадата на Газа, Раед Абу Даир, за АА изјави дека сите патници на бродот, освен капетанот и неговиот асистент, биле уапсени.
Нагласувајќи дека ослободените патници пристигнале во Газа поминувајќи низ градот Беит Ханун во северниот дел на Појасот Газа, тој ги повика меѓународните организации да дознаат каква е состојбата на капетанот и неговиот асистент.
Претходно, израелскиот воен портпарол Авичај Адре изјави дека бродот, кој носел осум патници, бил запрен без инциденти.
Адре рече дека откако ќе бидат претресени, бродот и патниците ќе бидат однесени во израелското пристаниште „Ашдод“.
Тој продолжи да го брани она што го нарекува израелски „поморски кордон“ на Газа, нарекувајќи го неопходно и легално... за зачувување на безбедноста на Израел и на неговите поморски граници.
- Флотила за слобода -
„Втората хуманитарна флотила вчера тргна од Појасот Газа со надеж дека ќе стави крај на 11-годишната израелска блокада на крајбрежната енклава“, се вели од Палестинската невладина организација
Тоа беше втората хуманитарна флотила која замина од блокираниот Појас Газа, откако на 30 март Палестинците започнаа да одржуваат редовни собири по должината на безбедносната ограда меѓу Газа и Израел.
Првата флотила од Газа замина на 29 мај, пренесувајќи палестински пациенти, од кои повеќето беа повредени за време на собирите, како и студенти.
Појасот Газа се наоѓа под блокада на Израел од 2007 година, што доведе до опаѓање на економијата во крајбрежната енклава и лиши 2 милиона жители од многу основни продукти.
Илјадници Палестинци од крајот на март на границата на Газа протестираат поради израелската окупација и бараат право на враќање во својата земја. Израелските сили убија најмалку 130, а ранија илјадници Палестинци.