ИСТАНБУЛ (АА) - Бродот наречен „Ал-Авда“ („Враќање“) треба да отплови за Газа од Норвешка следниот месец, за да ја оспори децениската израелска блокада во регионот.
Како дел од овогодишната кампања на меѓународната Коалиција „Флотила на слободата“ (FFC), бродот, заедно со уште други пет, ќе тргне кон Појасот Газа на 15 мај, на 70-тата годишнина од основањето на Израел - настан што кај Палестинците е познат како „Накба“ или „Катастрофа“.
„Целта на „Флотилата на слободата“ е да стави акцент на проблемите во Газа и да потсети на незаконската и нечовечка блокада која што се случува таму“, изјави Хусеин Оруч, заменик-раководителот на турската Фондација за хуманитарна помош (ИХХ), за Anadolu Agency (АА).
До крајот на 2016-тата година, 1,3 милиони жители на Газа зависеа од меѓународна помош за да преживеат, додека речиси половина од семејствата во Газа немаа пристап до безбедна храна, според Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарните прашања.
„Флотилата, исто така, има за цел да потсети дека Палестинците, истерани од своите домови во 1948 година, имаат право да се вратат“, рече тој.
На 30 март, Палестинците започнаа шестнеделен „Голем марш на враќањето“ долж источната граница на Газа со Израел, со цел да го бараат правото да се вратат во своите градови и села, во рамките на историската Палестина.
Од започнувањето на протестите, најмалку 35 Палестинци се убиени, а стотици се повредени од прекуграничниот оган од страна на израелските сили.
Фондацијата за хуманитарна помош (ИХХ), која го организираше конвојот на бродот „Мави Мармара“ во 2010 година кон Газа, е една од основачите на Коалицијата, која беше формирана истата година.
Израелските командоси убија 10 турски активисти во конвојот, кој патуваше кон Газа за да испорача хуманитарна помош.
- Бродовите ќе застануваат во европските пристаништа -
Под слоганот „Право на праведна иднина за Палестина“, бродовите ќе застанат во неколку европски пристаништа, вклучувајќи ги и оние во Данска, Велика Британија, Италија, Шпанија и Грција, пред нивното тргнување за Газа.
Истакнувајќи дека патувањето е „симболично и многу значајно“, Оруч рече дека на него ќе тргнат околу 60 лица и додаде дека ќе има и еден учесник од Турција во секој од бродовите.
Учесниците, вклучително и од Турција, допрва треба да бидат избрани.
„Бродовите ќе носат медицински средства и разни други материјали, за кои жителите на Газа имаат потешкотии да ги добијат“, рече Оруч.
- Израел го пресретнува секој брод кој патува кон Газа -
Секоја година во последните осум, Коалицијата „Флотила на слободата“ започнува нова кампања против блокадата. ИХХ ги поддржува кампањите логистички, финансиски и во однос на медиумското покривање.
„До денес Израел го пресретнува секој брод кој плови кон Газа, без исклучок, и ги приведува оние што се на бродовите“, рече Оруч.
Од 2010 година, ниту еден брод на „Флотилата на слободата“, кој е тргнат кон Газа, нема стигнато до регионот.
„Но, сите ние од Флотилата на слободата велиме дека повторно ќе тргнеме и ќе се обидеме да стигнеме до Газа, и ние ќе бидеме една од причините за подигнување на ембаргото“, додаде тој.
Оруч истакна дека тоа што Флотилата секоја година тргнува кон Газа им дава надеж на Палестинците, и покрај сиот притисок од Израел.
„Важно е да се покаже дека Коалицијата не се откажала, и покрај сите притисоци и убиства“, додаде тој.
Ако сè оди според планираното, бродовите се очекува да стигнат до Појасот Газа до почетокот на месец јули.