Раселените либански деца поради израелските напади ги насликаа своите соништа за враќање во домовите
- Повеќе од еден милион луѓе беа раселени поради нападите што Израел ги започна врз Либан во март. Според последните податоци на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), повеќе од 300.000 лица и натаму се раселени низ земјата
Ethem Emre Özcan
09 Октомври 2026•Ажурирано: 09 Октомври 2026
БЕЈРУТ
Во главниот град на Либан, Бејрут, децата раселени поради израелските напади се сретнаа со уметници и ги насликаа своите соништа за враќање во домовите, пишува Анадолу.
На настанот „Боите зборуваат“, организиран од здружението за помош „Талија“, на децата им беше овозможено преку цртежи да се изразат себеси.
На настанот повеќе од 100 уметници им помагаа на децата раселени поради израелските напади додека цртаа. Копнежот по своите домови и соништата за враќање децата ги изразија преку цртежи исполнети со надеж.
Во рамките на програмата, за која здружението го обезбеди материјалот за цртање, беа организирани и различни игри за децата.
Повеќе од еден милион луѓе беа раселени поради нападите што Израел ги започна врз Либан во март. Според последните податоци на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), повеќе од 300.000 лица и натаму се раселени низ земјата.
Деветгодишниот Муса Мухамед Хенџир, раселен од местото Сирбин во јужниот дел на земјата, за Анадолу изјави дека учествувал на настанот за да го покаже својот талент за цртање и да се забавува.
„Дојдовме овде со здружението 'Талија' за да цртаме, да им ги покажеме нашите таленти на луѓето, да играме и да се забавуваме. Посакувам сите да се вратат во своите села и повторно да ги изградат своите домови“, рече тој.
- Ја наслика глетката што се гледала од нејзиниот бомбардиран дом -
Десетгодишната Тејма Дахир, раселена од местото Јарун во округот Бинт Џбејл, раскажа дека ја насликала глетката што се гледала од нејзиниот дом што бил бомбардиран во војната.
Дахир го изрази копнежот по својот дом со зборовите:
„Дојдов овде за да им го покажам на луѓето мојот талент за цртање. Ја насликав глетката што се гледаше од мојот дом што беше бомбардиран во војната. Сакам државата да ни помогне, на нас децата, да го оствариме нашиот сон. Секој од нас да може да се врати дома и од својот балкон да ја види глетката за која сонувавме.“
Дахир рече дека на својот цртеж ги прикажала месечината и дрвјата и истакна дека ѝ недостасуваат деновите кога седела со својата другарка под дрвјата и разговарала за спомените од училиштето.
„Многу сакав да седам под тие дрвја и дење и ноќе. Со другарката секогаш разговаравме за спомените од училиштето. Сакам тие денови да се вратат, макар и само за еден ден. Нашиот дом и домовите на другите луѓе повторно да се изградат за да може повторно да ги правиме работите што порано сакавме да ги правиме“, додаде таа.
- „Тие добиваат поддршка од нас, а ние добиваме од нив“ -
Сликарот Ахмед Халифе, кој учествуваше на настанот, рече дека децата цртаат на теми и со бои што сами ги избираат, а уметниците им помагаат.
Халифе објасни дека девојчето со кое работел само ги избрало темата и боите на цртежот и рече:
„Не цртам наместо неа, само ѝ помагам. Доколку е потребно, ѝ давам поддршка при боењето. Сите деца се отворени за учење, а тоа многу ни ја олеснува работата.“
Халифе истакна дека е важно раселените деца да се поддржат со збор, четка, молив или цртеж. „Важно е да бидете покрај децата, и за вас и за нив. Тие добиваат поддршка од нас, а ние добиваме од нив“, рече тој.
- Приходите од продажбата на сликите ќе бидат наменети за раселените лица -
Рула Меџуб, одговорна за односи со јавноста во здружението за помош „Талија“, рече дека на настанот, за кој долго време се подготвувале, споиле 120 раселени деца со 120 уметници.
„Секој уметник заедно со едно дете изработува слика. Потоа овие слики ќе бидат изложени и продадени. Приходите ќе им бидат наменети на раселените лица“, рече таа.
Меџуб истакна дека уметниците донирале и по една или две свои дела и наведе дека овие дела наскоро ќе бидат понудени на продажба на меѓународна изложба.