Can Erözden
20 Октомври 2018•Ажурирај: 21 Октомври 2018
ГАЗА (АА) - Според наводите на Министерството за здравство на Палестина, најмалку 130 Палестинци се повредени од истрелите упатени од страна на израелската војска во петокот за време на протестите во близина на Појасот Газа, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Новинар, 4 медицински лица и 25 малолетници се наоѓаат меѓу повредените“, истакнуваат од палестинското Министерство за здравство, нагласувајќи дека меѓу повредените, две лица се во критична состојба.
Израелската војска вчера го засили присуството долж тампон-зоната на границата со Појасот Газа, во исчекување на протестите. Во четвртокот израелскиот Кабинет за безбедност ѝ наложи на војската да ги засили одговорите на митинзите, кои од март наваму се одржуваат во заштитената зона.
Од почетокот на демонстрациите на 30 март, досега, убиени се повеќе од 200 Палестинци во близина на заштитената зона, додека илјадници се ранети од истрелите на израелската војска. Демонстрантите бараат да се вратат во своите домови и села во историската Палестина, од каде што се протерани во 1948 година, кога е воспоставена државата Израел.
Истовремено, тие бараат и крај на 12-годишната израелска блокада на Појасот Газа, која ја уништи економијата на крајбрежната енклава и повеќе од 2 милиони жители ги лиши од основните животни потреби.