27 Март 2019•Ажурирај: 27 Март 2019
БЕИРА (AA) – Властите во Мозамбик објавија дека се потврдени пет случаи на колера во градот Беира, кој беше разорен од неодамнешниот циклон „Идаи“. Станува збор за први потврдени случаи на колера кои се објавени по циклонот од 14 март, пренесува Anadolu Agency (AA).
Националниот директор за медицинска помош, Усене Исе, изјави дека сите пет случаи се потврдени во сиромашната населба Муњава во Беира, во која живеат околу половина милион лица.
Колерата претставува голема грижа за стотици илјади лица кои го преживеаја циклонот и кои моментално се без чиста вода и основни санитарни услови. Болеста се шири преку контаминирана храна и вода, и може да доведе до смрт за само неколку часа.
Светската здравствена организација (СЗО) потсети дека предупредила на втора катастрофа доколку болеста, како колерата, се прошири во девастираните подрачја.