İlhan Toprak
24 Јануари 2017•Ажурирај: 25 Јануари 2017
МАПУТО (AA) – Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган порача дека единството и солидарноста се клучните фактори што донесуваат подобра иднина и просперитет во сите земји, како и во Мозамбик, во кој денеска престојува во официјална посета, јавува Anadolu Agency (AA).
По посетата на Танзанија, турскиот претседател Ердоган денеска престојува во посета на соседниот Мозамбик, каде што се состана со претседателот на оваа источноафриканска држава, Филипе Њуси.
По состанокот на двајцата претседатели, одржан е и состанок на проширените делегации на двете земји и потпишани се низа билатерални договори.
Ердоган и Њуси го истакнаа задоволството од оствареното јакнење на односите меѓу Турција и тој дел на Африка, и искажаа подготвеност соработката да се подигне на повисоко ниво, особено во политичка и во економска смисла.
„Јас сум првиот турски претседател што го посетил Мозамбик и уверен сум дека во наредниот период ќе бидат продолжени средбите на највисоко ниво. Целта ми е оваа историска посета да биде конструктивна и корисна за нашите две земји“, рече Ердоган.
Укажувајќи на богатите ресурси и на мултикултурноста на Мозамбик, Ердоган рече дека е успех што таа земја претставува стабилна заедница во време кога во Африка се случуваат многу кризи и судири.
„Со единство и со солидарност ќе биде градена светлата иднина на оваа земја. Сметам дека се од привремен карактер некои сили што го дестабилизираат Мозамбик. Како што се наведува во националната химна, Мозамбик својата иднина ја гради со ставање камен на камен. Турција како пријател, во тој процес секогаш ќе биде со Мозамбик“, порача Ердоган.
Истакнувајќи го богатото искуство на Турција на планот на решавање на регионалните и глобалните прашања, Ердоган рече дека е подготвен сето тоа искуство да го сподели со колегата од Мозамбик и додаде дека тоа особено се однесува на решавањето на тешките економски прашања.
Ердоган потсети дека Турција во 2011 година отвори амбасада во главниот град на Мозамбик, Мапуто, и рече дека тоа значително придонело во јакнењето на билатералните односи. Тој исто така додаде и дека Мозамбик наскоро би требало да отвори амбасада во Анкара и вети секаков вид помош во тој контекст.
Исто така, Ердоган истакна и дека Турската агенција за меѓународна соработка и координација (ТИКА) сака да отвори претставништво и да ги интензивира активностите во Мозамбик.
„Со колегата Њуси особено разговарав за борбата против терористичката организација ФЕТО, која го изведе неуспешниот јулски обид за воен удар во Турција и во тој контекст баравме поддршка од Мозамбик. Тоа е организација што дејствува во целиот свет, па и во Мозамбик, а своите членови ги инфилтрира во сите државни институции како што се војската, полицијата, судството и администрацијата. Желба ми е овдешното раководство да биде свесно за таа закана, тоа е искрена братска желба“, рече Ердоган.
По посетата на Мозамбик, Ердоган петдневната турнеја на истокот на Африка ќе ја продолжи со посетата на Мадагаскар.