Özcan Yıldırım
24 Јануари 2017•Ажурирај: 25 Јануари 2017
АНКАРА (AA) – Граѓаните на Турција кон крајот на март или на почетокот од април оваа година ќе излезат на седмиот референдум од основањето на републиката, а ќе гласаат за сетот уставни промени од 18 амандмани, кои во два круга ги усвоија пратениците во Големото народно собрание на Република Турција.

Референдум за првпат е организиран по воениот удар изведен на 27 мај 1960 година. Уставот од 1961 година, кој го подготви Комитетот за национално единство, на 9. јули 1961 година беше понуден на гласање пред народот. Уставот од 1961 година на референдумот е изгласан со поддршка од 61,7 отсто од гласовите.
Вториот референдум исто така беше организиран по воен удар. Уставот го подготви Советодавното собрание, кое го одреди воената управа по ударот на 12. септември 1980 година, а на гласање беше понуден на 7. ноември 1982 година. Овој устав беше поддржан од 91,4 отсто од гласачите.
Откако почнаа да слабеат последиците од државниот удар од 1980 година, во земјата е актуелизирано прашањето за укинување на забраните за занимавање со политика на некои поранешни или сѐ уште актуелни политичари.
Третиот референдум е организиран на 6. септември 1987 година, кога народот гласаше за тоа дали треба да се укинат забраните за политичко дејствување предвидени со член 4 од Уставот од 1982 година.
Резултатите покажаа дека 50,2 отсто од гласачите беа „за“, а 49,8 отсто беа „против“. Со тоа беа укинати забраните за поранешните политичари меѓу кои Сулејман Демирел, Булент Еџевит и Неџметин Ербакан.
Со укинувањето на политичките забрани за Демирел, Еџевит и Ербакан, и турската политика доживеа одредени промени, а со тоа и прашањето локалните избори да бидат организирани една година претходно.
На четвртиот референдум организиран на 25. септември 1988 година имаше за цел една годна порано да бидат организирани локалните избори. Откако гласачите гласаа со 65 отсто против, немаше предвремени локални избори.
Петтиот референдум стана актуелна тема откако Партијата на правдата и развојот (АК Партија) предложи измена на Уставот со цел да се промени изборниот систем така што претседателот на државата да биде избиран на директни избори, односно со гласовите на граѓаните. Референдумот е организиран во октомври 2007 година, а промената Уставот е изгласана со 68,9 отсто од гласовите, по што изборот на претседател на Турција се прави со гласање на народот на избори.
Шестиот и воедно последен референдум во Турција беше организиран на 12. септември 2010 година. Избирачите тогаш гласаа за пакетот промени од 26 ставки. Дури 57,9 гласаа „за“, и со тоа се усвоени промените за повторно формирање на Врховниот совет на судии и обвинители на Република Турција (HSYK), право на колективен договор на службениците и низа други одлуки.
На седницата на Големото народно собрание на Република Турција (ТБММ) во октомври 2016 година, претседателот на опозициската Партија за национално движење (МХП), Девлет Бахчели истакна дека доколку владејачката АК Партија има намера да заговара донесување на новиот Устав, до Собранието треба да се достави нацрт на Уставот.
Потоа АК Партија во ноември 2016 година на опозициската МХП ѝ ја достави работната верзија на новиот Устав.
Во декември 2016 година, Предлот-законот за уставните измени на Република Турција со потпис на 316 пратеници на АК Партија, вклучувајќи го и премиерот на земјата, Бинали Јилдирим, беше предаден на претседателството на ТБММ.
Уставната комисија на 30. декември ги заврши разговорите за предлогот на уставите измени. Пратениците во Собранието во два круга на гласање усвоија сет на уставни промени, а откако претседателот ќе го ратификува Законот за уставните измени на Република Турција, тој ќе биде предмет на референдумско изјаснување на пролет оваа година.