Besar Ademi
27 Август 2018•Ажурирај: 28 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) денеска официјално ја отвори Мисијата за набљудување на референдумот што ќе се одржи на 30 септември во Македонија, по поканата на оваа институција од властите на земјата, јавува Anadolu Agency (АА).
Мисијата е предводена од амбасадорот Јан Петерсен, кој на прес-конференција изјави дека Мисијата се состои од главен тим од 13 експерти со седиште во Скопје и 20 набљудувачи, кои почнувајќи од 5 септември ќе се распределат низ целата земја во мултинационални тимови од две лица.
„Мисијата не само што ќе го набљудува гласањето на референдумот, туќу ќе го следиме и процесот на референдумот пред, за време на референдумот и по денот на неговото завршување, во рамките на сегашниот мандат“, рече Петерсен.

Петерсен исто така истакна дека ОДИХР ќе побара од земјите членки на ОБСЕ да обезбедат 250 краткорочни набљудувачи, кои ќе пристигнат неколку дена пред референдумот.
Според него, набљудувачите внимателно ќе ја следат регистрацијата на гласачите, изборната кампања, работата на администрацијата на референдумот и релевантните владини тела, законодавството што се однесува на референдумот и неговото спроведување, но истовремено ќе се следи и медиумската покриеност на кампањата.
Мисијата ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на референдумот ќе објави привремен извештај во текот на нејзината работа, а еден ден по референдумот на прес-конференција ќе бидат објавени првичните наоди и заклучоци. Конечниот извештај од набљудувањето ќе биде објавен околу два месеца по завршувањето на референдумскиот процес.
Кампањата за референдумот треба да започне на 10 септември, а пратениците од Законодавниот дом ќе бидат ангажирани во кампањата.
Потсетуваме дека на 30 јули, Собранието на Република Македонија донесе одлука на 30 септември оваа година да се одржи референдум за името, кој ќе биде консултативен.
Референдумот е дел од Договорот меѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на земјата во Република Северна Македонија, што е главен услов за членство на земјата во НАТО и за отворање на преговорите со ЕУ.