Admir Fazlagic
06 Септември 2018•Ажурирај: 06 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, утрово се состана со претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, со што ги започна средбите со високите официјални претставници на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од Кабинетот на претседателот Иванов, на средбата е разговарано за актуелната внатрешнополитичка состојба во Република Македонија, за евроатлантските интеграции на земјата и за напредокот на реформите во одбраната и безбедноста, во согласност со стандардите на НАТО.
Македонскиот претседател истакнал дека Република Македонија е силно посветена на промовирањето на мирот и стабилноста и придонесува за безбедноста во и надвор од нашиот регион.
Претседателот Иванов потенцирал дека Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО, додавајќи дека уште во 2008 година Република Македонија ги исполни условите за членство во НАТО и дека по сиве овие години, активно придонесувајќи во меѓународните мировни мисии, го заслужува членството во НАТО без дополнителни услови.
„Верувам дека вистинското место на Република Македонија е во Европската Унија и НАТО Алијансата. Ќе продолжам да ги поддржувам нашите стратешки цели. Ho, Европската Унија и НАТО во никој случај не смеат да бидат алиби за лош договор, порача претседателот Иванов, на средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг“, се наведува во соопштението.
Се додава и дека претседателот Иванов истакнал дека сите негови обврски како врховен командант на вооружените сили во однос на одбраната се завршени и дека Армијата на Република Македонија ги исполни поставените задачи и успеа да се покаже како рамноправен партнер со армиите на земјите членки на НАТО, како на обуките, вежбите и проверките, така и во пракса, во изведувањето на операциите.
„Во таа насока, претседателот Иванов посочи дека го поддржува процесот на донесувањето на стратегискиот одбранбен преглед, согласно препораките на советодавните тимови на НАТО, и дека новата стратегија, што е исклучиво ориентирана кон зачленувањето во НАТО, е подготвена“, информираат од Кабинетот на претседателот Иванов.
„Имајки ги предвид новите реални предизвици со кои се соочуваат регионот и Европа, додаде претседателот Иванов, одржувањето на безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашиот регион треба да претставува колективен интерес на сите“, стои во соопштението од Кабинетот на претседателот, објавено по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера пристигна на аеродромот во Скопје каде што беше пречекан од министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, а денеска ги започна своите средби со политичките лидери во Македонија.
Според најавеното, Столтенберг ќе се состане и со претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.
Прес-службата на Владата на Република Македонија соопшти дека Столтенберг денеска ќе се состане со министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, и со премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, како и со други високи официјални претставници.
Средбата со премиерот Заев, предвидено е да се одржи во Клубот на пратеници, по што е предвидена и заедничка прес-конференција.
Покрај останатите активности и средби, генералниот секретар ќе го посети и Стајковци каде што во 2016 година, војници и опрема на НАТО беа ангажирани за надминување на последиците од поплавата. Столтенберг ќе ја посети и касарната „Илинден“, каде што ќе присуствува на показна вежба на припадниците на специјалните сили.