Admir Fazlagikj
04 Декември 2015•Ажурирај: 05 Декември 2015
СКОПЈЕ (АА)- Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Домот на пратеници на Парламентот на Чешката Република, Јан Хамачек, кој престојува во официјална посета на Република Македонија, соопштуваат од Кабинетот на Претседателот Иванов, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштуваат од кабинетот на претседателот Иванов, на средбата беше разговарано за можностите за продлабочување на билатералната соработка меѓу двете држави, за надворешно – политичките приоритети на Република Македонија, како и за актуелните случувања во регионот и Европа во однос на мигрантската и бегалската криза и новонастанатата безбедносна состојба.
Двајцата соговорници изразија задоволство од континуираниот и стабилен политички дијалог на највисоко ниво, од меѓусебното пријателство и поддршка на билатерален и мултилатерален план, како и цврста подготвеност за јакнење на економските односи меѓу двете земји.
"Претседателот Иванов ја поздрави меѓупарламентарната соработка, оценувајќи дека истата е особено значајна во насока на продлабочување на пријателските односи и градењето на меѓусебната доверба. Во однос на македонското членство во ЕУ и НАТО, македонскиот претседател изрази благодарност за јасната и недвосмислена поддршка и изрази очекување дека ина претстојниот НАТО самит во Варшава Чешката Република со несмален интензитет ќе ги подржи напорите за деблокада на македонските интеграции и прием на земјата во НАТО. Во таа насока, претседателот Иванов потенцираше дека интеграцијата на Република Македонија како во Алијансата, така и во ЕУ, е од особено значење за стабилноста и безбедноста на регионот" , се наведува во соопштението.
"Со цел успешно менаџирање и справување со мигрантската и бегалската криза, двајцата соговорници се согласија дека е неопходна засилена регионална соработка и размена на податоци во сферата на безбедноста. Воедно, беше констатирано дека е потребна заедничка стратегија на ЕУ и координирана меѓународна акција за решавање на предизвикот" , пишува помеѓу останатото во соопштението од Кабинетот на Претседателот Иванов.