Kristina Maslareviç
04 Декември 2015•Ажурирај: 04 Декември 2015
БЕЛГРАД (АА) - Во тек на состанокот на премиерот на Република Србија и министерот за надворешни работи на Република Турција, Александар Вучиќ и Мевлут Чавушоглу, разговарано е за односите помеѓу двете земји, за економската соработка и посетата на претседателот на Владата на Турција, Ахмет Давутоглу, на Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Службата за медиуми на премиерот на Србија, Вучиќ истакна „дека односите на двете земји се на високо ниво, но дека постои простор за развој на економската соработка“. Изрази задоволство од зголемениот интерес на турските компании за вложување во Србија.
Министерот Чавушоглу му се заблагодари на премиерот Вучиќ за поддршката која владата на Србија им ја пружа на турските компании кои веќе работат во Србија.
„Србија стана една од главните туристички дестинации за граѓаните на Турција. Постои голем интерес на турските компании за вложување во секторите за туризам и земјоделство“, рече Чавушоглу во текот на состанокот.
Како што се наведува во соопштението, министерот за надворешни работи на Турција предложи одржување на бизнис форум во Белград во тек на претстојната посета на премиерот на Турција, Ахмет Давутоглу, на Србија.