Kristina Maslareviç
24 Октомври 2016•Ажурирај: 25 Октомври 2016
БЕЛГРАД (АА) - По заедничката седница на Владата на Србија и на Словенија, во присуство на двајцата премиери, Александар Вучиќ и Миро Церар, потпишана е програма за соработка меѓу министерствата за култура, меморандуми за разбирање меѓу министерствата за градежништвото и инфраструктура, јавува Anadolu Agency (AA).
Српскиот премиер Александар Вучиќ рече дека денешната, трета по ред заедничка седница на владите на двете земји поминала полесно и побрзо, и дека на неа се разговарало за сите сфери на општеството, но дека приоритетни биле прашањата од областа на политиката и економијата.
„Минатата година, трговската размена меѓу двете земји изнесуваше 870 милиони евра, а оваа година се очекува да надмине една милијарда“, рече Вучиќ.
Тој му се заблагодари на словенечкиот колега Церар за поддршката во европската интеграција на Србија и рече дека тоа за Србија е многу значајно, првенствено затоа што Словенија ги знае околностите на поранешна Југославија.
Како што рече, денеска се разговарало и за можностите за намалување на невработеноста во Србија, инвестициите во двете земји, воената соработка, соработката во енергетиката, здравството, заедничката организација на големи спортски натпревари и заеднички настап на трети пазари.
„На прашањето за мигрантската криза, ние секогаш ќе бидеме во контакт, ние ќе работиме заедно, и словенечката страна е подготвена да испрати дел од својот персонал во Србија. Засега, успешно се бориме со сите проблеми и тешкотии и се надевам дека нема да има поголеми проблеми“, рече Вучиќ.
Словенечкиот премиер Миро Церар рече дека односите меѓу Словенија и Србија се одлични, како во политиката, така и во другите области. Тој додаде дека и Словенија гледа можност за зголемување на миграциските текови и смета дека ЕУ напредува во барањето на заедничка политика за миграцијата.
„Словенија ќе мора да спроведе исклучително строг режим на хрватската граница“, рече Церар, додавајќи дека верува оти Европа мора да остане отворена и хумана кон луѓето што се во бегство, бидејќи ним им се прекршени човековите права во матичните земји, и дека мора да се спречи нелегалниот премин на границите.