Ivana Ramadanova
25 Март 2016•Ажурирај: 26 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот Ѓорѓе Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Судан, на Социјалистичка Република Виетнам и на Индонезија, јавува Anadolu Agency (AA).
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Судан, Илхам Ибрахим Мохамед Ахмед, беше изразена волја за продлабочување на севкупните односи меѓу двете земји, како на билатерален така и на мултилатерален план.

„Верувам дека со Вашиот ангажман и професионално искуство ќе придонесете кон изнаоѓање на нови форми за збогатување на билатералната соработка, која до овој период е незначителна и скромна”, истакна претседателот Иванов.
На средбата со новоименуваниот амбасадор на Социјалистичка Република Виетнам, Нгујен Ти Хонг Оан, претседателот Иванов изрази задоволство од воспоставените пријателски односи и соработката меѓу двете држави во сите области од заемен интерес, за што потврда е и официјалната посета на Македонија на потпретседателот на Виетнам, Нгујен Ти Доан, во декември 2014 година, за време на која се потпишаа и два значајни договора кои придонесоа во воспоставувањето на солидна правна рамка за соработка на меѓу двете земји.

Новоименуваниот виетнамски амбасадор, Оан ја потврди заложбата на Виетнам за продлабочување на соработката меѓу земјите во областа на економијата, културата и образованието изразувајќи ја подготвеноста на нејзината земја за активна и блиска соработка и натамошно унапредување на пријателските односи.
На средбата со новиот амбасадор на Индонезија, Сри Астари Расџид, двајцата соговорници изразија задоволство од заемната желба за сестран развој на пријателските односи и за соработката во сите области од заемен интерес.

„Сакам да Ве уверам дека Република Македонија е подготвена за интензивирање на односите и соработката, и тоа не само на билатерален, туку и на мултилатерален план, особено во системот на Обединетите нации и Алијансата на цивилизациите, каде нашите две држави можат да дадат голем придонес", порача претседателот Иванов.